Градежници работници / илустрација / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Две фирми ќе одговараат за смртта на младиот фотограф од Охрид, Кристијан Љушев

Надлежните од Трудовиот инспекторат, кој поднесе кривична пријава, не ги откриваат имињата на фирмите, правдајќи се дека истрагата е во тек

По трагичниот настан во кој при пад во отвор за лифт животот го загуби 28-годишниот охриѓанец Кристијан Љушев, Трудовиот инспекторат ќе поднесе кривични пријави против две компании, објави „Алфа“.

По двонеделна детална проверка, инспекторите утврдиле сериозни пропусти во примената на законските стандарди за безбедност при работа на градилиште, но поради тековната истрага не се соопштува за кои фирми станува збор.

Кристијан, кој бил вработен во фирма за уредување ентериери, настрадал додека заедно со колега пренесувал метален дел долг речиси два метра во објект во изградба.

По утврдените неправилности, инспекторите изрекле привремена забрана за изведување работи на градилиштето за сите вклучени правни субјекти – инвеститорот, изведувачот и надзорот.

Неколку дена пред несреќата, таткото на Кристијан дошол на градилиштето за да му го донесе паричникот и, како што сведочи, бил шокиран од состојбата во објектот.

Според неговите зборови, зградата била лесно достапна, без соодветни огради и заштита, а отворите за лифтови биле целосно необезбедени.

Тој истакнува дека уште тогаш го предупредил синот на опасностите и дека очекува институциите да утврдат одговорност.

— Детето не може никој да ми го врати назад, но треба да има една правда, да се знае дека некој одговарал — изјави таткото Валентин Љушев.

Трагедија во Охрид: Загина младиот фотограф Кристијан Љушев, паднал во зграда

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот