Победник на конкурсот за наградата „Роман на годината“ е „Три Марии“ на писателката Оливера Ќорвезироска
Романот „Три Марии“ на писателката Оливера Ќорвезироска во издание на „Арс Либрис“ е добитникот на наградата „Роман на годината“ за 2025 година, која ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Препорачано
Во конкуренција за оваа престижна книжевна награда беа 46 романи, а одлуката за нејзиното доделување ја донесе жири-комисијата што ја сочинуваа: Калина Малеска (писателка и минатогодишна лауреатка), Иван Антоновски, Ивана Трајановска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата „Славко Јаневски“).
Беа одржани пет состаноци, а во финалето за наградата освен романот „Три Марии“ на Ќорвезироска, влегоа и романите: „Александар јава на запад“ од Венко Андоновски („Три“), „Необјавен фељтон“ од Владимир Илиевски („Македоника литера“), „Кривата Дијана: (роман за верижната вина)“ од Фросина Пармаковска („Арс Либрис“), „Фобос: деконструиран роман“ од Соња Станковска („Или – или“) и „Повратник со две лица“ од Ивица Челиковиќ („Паблишер“). Романот на годината за 2025 година, беше избран со тајно гласање и со мнозинство гласови на последниот одржан состанок.
– „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска е мајсторски напишан роман, во кој секој лик е внимателно изграден и секој детаљ има важно место во мозаикот на приказната. Во трите приказни од кои е составен романот има по една Марија како главен лик, а лајтмотивот што се протега низ книгата е топосот на станот во кој се поврзуваат отсечките на животите на протагонистките. Сите три приказни започнуваат со вртоглава брзина, од смртта на Марија Пребирлиева, преку потрагата по стан на Марија Зара, до драматичниот повторлив сон на Марија Деспотовска Солев. Потоа, преку ретроспектива, сите се враќаат назад низ времето за да ја доведат протагонистката до критичниот момент во животот. Централниот интерес во сите три приказни е љубовта – возвратена, невозвратена, нагло прекината, но во сите случаи љубов што ги надминува општествените норми, кои, сепак, на крајот надвиснуваат и го оневозможуваат остварувањето на љубовта. Овој конфликт меѓу емотивната сила на протагонистките и традиционалните норми чии носители се другите ликови во нивното опкружување ја гради динамиката на сложените меѓучовечки односи. Ќорвезироска умешно успева да избегне морални осуди, и наспроти тоа, се впушта во пресек на комплексните мотиви на трите Марии, стегите што тие ги чувствуваат, нивниот страв, чувството на вина, гневот, самодеструктивноста и интензивните емоции. „Три Марии“ е роман што внесува бескомпромисно искрено претставување на психолошките состојби на главните ликови, кои се соочуваат со вистината и тогаш кога е болно таа да се прифати, избегнувајќи самозалажување или идеализирање – посочуваат во своето образложение членовите на жири-комисијата.
Оливера Ќорвезироска (1965) е родена во Куманово. Основно и средно образование завршила во родниот град, а Филолошки факултет во Скопје, каде што живее и работи како уредник. Автор е на следните книги: „Трети кат“ и „Високите бели“ (поезија), „Кифличката Мирна“ и „Мојот брат од тринаесеттиот кат“ (романи за деца); „Дедо Миле“(сликовница), „Отвораат ли сништата работа“, „Еден Текст и една жена“ и „На полпат“ (критика и есеистика), „Заклученото тело на Лу“, „Аб’т“ и „Три Марии“ (романи за возрасни), „Страдањата на младиот лектор“, „(С)плетени раскази“, „Две перници“, „(Со)шиени раскази“, „Новелички без шеќер“, „Улиците што ги нема“ и „Престапни години“ (раскази за возрасни).
Застапена е во дваесетина антологии на современиот македонски расказ, објавени дома и во странство. Нејзините раскази се преведувани на англиски, француски, унгарски, албански, чешки, српски, бугарски, словенечки, полски, руски, германски и грчки јазик.
Повеќекратен добитник е на значајни награди за расказ во Македонија, а за „Сплетени раскази“ во 2003 год. ја има добиено наградата за најдобра проза на Друштвото на писателите на Македонија – „Стале Попов“. Наградата „Стале Попов“ по втор пат ѝ беше врачена годинава и тоа за романот „Три Марии“. Оливера Ќорвезироска е член на ДПМ и на Македонскиот ПЕН-центар.
Наградата „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари. Нејзин генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје, а таа е поддржана и од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.
Минатата година оваа награда ја доби романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска, во издание на издавачката куќа „Или – или“.
Свеченото врачување на наградата за романот „Три Марии“ на Оливера Ќорвезироска ќе се одржи во средината на мај.


