ПОА официјално објави дека преминува во МПЦ-ОА

Фото: Телма/принтскрин

Православната Охридска Архиепископија (ПОА) денеска објави дека целосно преминува во Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА) и дека веќе нема да објавува нови содржини на официјалната интернет страница, иако таа и натаму ќе остане достапна за читателите.

-Православната Охридска Архиепископија која ја исполни смислата на своето административно постоење како автономна Црква во канонското подрачје на Српската Православна Црква, сведочејќи го единството на Црквата сиве изминати 20 години, повеќето поминати во гонења и понижувања, по давањето на автокефалијата на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија од страна на Српската Православна Црква и прифаќањето на сите архиереи на Православната Охридска Архиепископија да бидат под јурисдикција на споменатата Црква, целосно преминува во Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и ја прекинува секоја надградба на содржините на официјалната интернет презентација на Православната Охридска Архиепископија. Бидејќи постои заинтересираност за повеќето од содржините презентирани на оваа интернет страница, до страницата и понатаму ќе биде можен интернет пристап кон истата, благодарение на спонзорот кој ќе ги подмирува трошоците кои ги испорачува понудувачот на интернет услугата, но страницата веќе нема да се надградува со нови материјали, пишшува во објавата на сајтот на ПОА.

Синодот на МПЦ-ОА на 20 јуни ја формализираше одлуката за приклучување на ПОА, а нејзините архиереи ги прифати во своја канонска јурисдикција, назначувајќи ги за епархиски управители.

Основачот на ПОА, некогашниот митрополит на МПЦ, Јован Вранишковски, беше расчинет од МПЦ како расколник во 2002 година, а веднаш потоа, со поддршка од Српската и Грчката црква, беше формирана ПОА, чијшто канонски статус беше признаен од православниот свет. Вранишковски беше осуден за ширење верска омраза и за проневера на пари од Поврдарската еперхија, каде беше митрополит. Тој одлежа пет години затвор, а сега се враќа во МПЦ како епископ и ќе му биде отстапен дел од Преспанско-пелагониската епархија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот