По судирот кај Мавровка, жесток судир меѓу институциите: Државата е пред „преплет на црева“!

Сообраќаен хаос во Скопје
Фото: Твитер, @mkrobot

Правните експерти предупредуваат дека сликата од блокираниот сообраќај во Скопје е само одраз на колапсот на институциите и непостоењето одговорност кај оние што се надлежни за функционалност на системот.

Не стивнуваат реакциите на огорчените и гневни граѓани по сообраќајниот колапс вчера кога километарските колони на автомобили по скопските улици комплетно го блокираа сообраќајот во централното градско подрачје на Скопје. Претходно на крстосницата кај комплексот Мавровка дојде до верижен судир на најмалку пет возила, во кои четири лица беа повредени. Настанатиот сообраќаен метеж со часови не можеше да се расчисти, па дури и амбулантните возила имаа проблем да се пробијат до своите одредишта.

Град Скопје и Министерството за внатрешни работи меѓусебно си ја префрлија одговорноста за настанатиот хаос и за тоа во чија надлежност е уредувањето на режимот на сообраќајот на скопските улици.

Градоначалничката Данела Арсовска со соопштение го обвини МВР дека без најава ги исклучило семафорите „за да се направи сообраќаен хаос“ и дека „нема основа објаснувањето дека дождот е причината за денешната слика од улиците во Скопје, каде што со часови граѓаните патуваа до своите домови“.

МВР на ова одговори дека „службите на Град Скопје не си ја завршиле работата“, на што се обврзани според закон, односно не можеле да се справат со ситуацијата и беше создаден сообраќаен метеж во Скопје. Според МВР, на тоа објективно влијаела и сообраќајната незгода кај ТЦ Мавровка и неколку полесни сообраќајни незгоди, но и зголемената употреба на возила од граѓаните поради временските услови.

– Единицата за безбедност на сообраќајот на патиштата – Одделение за безбедност на патниот сообраќај, постапи со цел да се овозможи поголема проточност на сообраќајот, што и беше направено, односно метежот беше расчистен – напиша МВР.

Правните експерти предупредуваат дека сликата од блокираниот сообраќај во Скопје е само одраз на колапсот на институциите и непостоењето одговорност кај оние што се надлежни за функционалност на системот.

– Очигледно никому не му е гајле за граѓаните, се грижат само за своите партии. Секогаш некој друг е виновен, инаку немаше да ни се случува автобус без лиценци стопати да поминува граница, да ни горат болници кои немаат противпожарни апарати, да се влечка процесот за несреќата во Ласкарци, да не се сервисираат противпожарните авиони и многу други – коментира универзитетскиот професор Борче Давитковски.

Тој потсетува дека во законите јасно пишува кој за што е надлежен кога е во прашање регулирањето на сообраќајот.

– Полицијата ги вклучува и исклучува семафорите во склад со потребите и со моменталната состојба на конкретната сообраќајница. Тоа го видовме и вчера, кога сообраќајните полицајци ги исклучија семафорите и самите го регулираа сообраќајот таму каде што беше најголемиот метеж, а тоа го гледаме и кога ги исклучуваат семафорите за да помине некој државен функционер со својата колона, па дури се случува и да заборават повторно да ги вклучат, без многу да се грижат за метежот што им се прави на граѓаните – вели Давитковски.

Според Законот за локална самоуправа, Градот е надлежен за улици и за други инфраструктурни објекти, за регулирање на режимот на сообраќајот, изградбата и одржувањето на уличната сигнализација.

На прашањето, пак, дали по локалните избори, кога голем дел од општините поминаа во рацете на опозицијата, вакви блокади и препукувања ќе станат секојдневие за граѓаните, професор Давитковски со коментар:

– Ние никогаш и нема да имаме кохабитација бидејќи имаме заробени институции. И во иднина се можни вакви и потешки колапси, сѐ додека се поставуваат партиски војници на местото на стручни и компетентни лица на клучни позиции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот