По резултатите на референдумот во Словенија, се бара оставка од Владата на Јанша

Премиерот на Словенија, Јанез Јанша / Фото: МИА

Словенечката опозиција смета дека референдумот на кој гласачите во неделата убедливо ја отфрлија промената на законот за вода е израз на голема недоверба во јавноста кон владата, која треба да си даде оставка.

Со изненадувачки висока излезност кога станува збор за референдуми, 675 000 гласаа против законот на владата, а само 105 000 за негова потврда, така што тој нема да се спроведе, што е голем симболичен пораз за владејачката коалиција.

Претседателката на опозициските социјалдемократи (СД), Тања Фајон, рече дека поразот на владата на референдумот е знак дека гласачите сакаат промена, јави денес агенцијата Хина.

„Недовербата во оваа влада е исклучителна, премиерот Јанез Јанша треба да поднесе оставка, а ако не, опозицијата може да побара гласање за доверба на владата со предлагање на свој кандидат за нов премиер“, рече Фајон.

Претседателот на Левицата, Лука Месец оцени дека резултатот од референдумот е знак дека „Словенија се буди политички“ и сака што побрзо да се организираат предвремени парламентарни избори.

Само неколку владини политичари го бранеа контроверзниот закон во кампањата пред референдумот, додека сите други беа на спротивната страна – граѓанското општество, професијата, активистите и опозицијата, рече Месец, додавајќи дека верува оти владата на Јанша убедливо ќе изгуби на избори.

Одбиените измени предвидуваа можност за изградба на помали објекти во природа надвор од населените места, покрај бреговите на реките, езерата и морскиот брег. Референдумот беше инициран од здруженија за заштита на животната средина собрани во иницијативата „Пивка вода“ и со поддршка на опозициските партии, со тезата дека ваквата градба, под притисок на инвеститорите и локалните интереси, ќе ги загрози бунарите и природните ресурси.

Наспроти ова, владата тврди дека целта е да се добијат дополнителни средства преку концесии за одржување на водни тела и канали и дека законот ќе им користи на помалите локални заедници.

Премиерот Јанша на Твитер во неделата објави дека нема да има „драма“ заради резултатите, бидејќи загубата на референдумот во претходните случаи никогаш не доведе до пад на владата. Тој ги критикуваше оние гласачи кои ја фаворизираа владата и останаа дома и не излегоа на референдумот.

Претседателот Борут Пахор потврди дека тој самиот гласал против контроверзниот закон на референдум, но дека тој не бил „ниту глас за владата ниту против владата“ и дека му е жал што дебатата за законот пред неговото донесување не била посеопфатна и постручна за јавноста подобро да разбере за што се работи.

Министерот за животна средина и просторно планирање во владата на Јанша, Андреј Визјак, тврди дека иницијаторите на референдумот ги измамиле гласачите со својата кампања наметнувајќи дилеми за законот како еколошка и со самото тоа како многу емотивна тема со тоа всушност го „киднапирале“ референдумот.

Актуелната влада ќе продолжи да се грижи за зачувување на природата и да води добра еколошка политика, а со отфрлање на законските измени е елиминирана можноста за добивање дополнителни средства за чистење канали и одржување на водотеците, рече Визјак.

Извор: Бета

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот