По 5000 години научниците открија зошто е изграден мистериозниот Стоунхенџ
Стоунхенџ бил изграден за да ги обедини древните жители на Британија, долго пред да се појават првите кралства, сугерира новото истражување. Геолошката анализа открила дека камените блокови кои го сочинуваат овој фасцинантен споменик биле донесени во рамнината Солсбери во Вилтшир од далечните делови на островот – од север, запад и југ, пред речиси 5.000 години.
Препорачано
Ваквиот потфат, кој вклучувал транспорт на камења тешки неколку тони стотици километри со примитивни алатки, покажува дека Стоунхенџ имал силна цел да собира и поврзува луѓе, тврдат истражувачите чии резултати се објавени во списанието Archeology International, пишува Sky News.
Професорот Мајк Паркер Пирсон, водечки истражувач и археолог од Универзитетскиот колеџ во Лондон, изјави:
„Фактот што сите негови камени блокови потекнуваат од оддалечени региони – што го прави Стоунхенџ единствен меѓу повеќе од 900 камени кругови во Британија – сугерира дека тој имал политички како и религиозни цели. Тоа беше споменик на единството на народот на Британија, славејќи ги нивните вечни врски со нивните предци и космосот.“
Неодамнешните истражувања за каменот на олтарот, тежок шест тони и сместен во камениот круг, дадоа нови сознанија за оваа античка градба. Тим од Универзитетот Абериствит откри дека овој камен потекнува од Североисточна Шкотска, а не од Западен Велс, како што се мислеше претходно.
Ова откритие може да објасни зошто олтарниот камен е поставен хоризонтално, што е карактеристично за „хоризонталните“ камени кругови кои се пронајдени само во таа област на Шкотска. Професорот Паркер Пирсон додаде:
„Сличностите во архитектурата и материјалната култура помеѓу областа Стоунхенџ и Северна Шкотска сега имаат повеќе смисла. Ова откритие помогна да се реши мистеријата зошто овие далечни места споделуваат заеднички карактеристики“.
Се верува дека древните фармери од целиот остров доаѓале во близина на Стоунхенџ за да ја прослават зимската краткоденица на 21 декември, моментот кога деновите повторно почнуваат да се зголемуваат. Хедер Себире, виш кустос на историски локалитети во English Heritage, истакна дека античките луѓе биле многу повеќе поврзани отколку што често се мисли.
„Тие луѓе биле како нас“, рече таа. „Сигурно имале желба да комуницираат и да се поврзат со другите. Знаеме дека тие тргувале – малите предмети патувале на долги растојанија, но транспортот на огромни блокови од камен претставувал сосема нов предизвик.“


