ПМС: Не е штос да се биде убава копија. Штос е да се остане различен

facebook

Убавината е минлива и променлива категорија. Кога велиме минлива, мислиме на две работи, на природниот процес на стареење и на критериумите за тоа што е воопшто убавина. Кога мислиме на променлива категорија, земаме предвид дека на секои десетина години идеалот за женска убавина се менува. А, кој го менува тој идеал? Посебните девојки.

Историјата ја помни Клеопатра како една од најпосакуваните жени на сите времиња. Но, кога Британскиот музеј претстави десет, до тогаш, непознати слики, и кога нејзиниот лик беше конечно откриен, се покажа дека Клеопатра била жена со просечен изглед, ниска, со лоши заби, ковчеста и со голем нос. Воопшто не била „убава“, ама била посебна.

Profimedia

На дворот на Луј 14-ти, според историчарот Сен Симон, сите дворјани ги воодушевила жената на престолонаследникот, донесена од малото италијанско војводство. Од неговиот опис не може да се заклучи дали таа била руса или црна, висока или ниска, но била посебна поради тоа што имала голем задник и расипани заби.

Image result for louis 14 wife

Оноре де Балзак, во еден свој роман, опишувајќи ги квалитетите на некојаси грофица Франсоаз тоа го прави во согласност со тогашниот канон за убавина – мали стапала, големи црни очи, бело заоблено деколте…Но, како десерт на веќе готовата слика на Франсоаз, Балзак нè информира дека на нејзината волшебна горна усна се развиле густи црни мустачиња. И коментира: природата ќе згрешела доколку тука не го нафрлела овој лесен мов. Балзак нè уверува дека токму со тој украс грофицата била совршена.

Image result for honoré de balzac contes francais

На крајот на 19. и почетокот на 20. век идеал за женска убавина била девојката Гибсон, создадена од илустраторот Чарлс Дана Гибсон. Ликот совршено го одглуми Камил Клифорд, а илјадници жени се обидоа да го копираат нејзиниот изглед, карактеристичен по женствените облини, долгата коса и пред сè – фрагилноста. Токму со оваа, речиси надреална фрагилност, односно со својата посебност, девојката Гибсон останува идеал за убавина повеќе од две децении.

Чарлс Дана Гибсон

Десет години подоцна, се појавија флапер девојките, носејќи радикална промена во поимањето на убавината. Имаа елегантни, но куси фризури, носеа кратки фустани и чорапи до колениците, долги бисерни ѓердани, додатоци со пердуви, а ги истакнуваа малите гради. Беа револуционерни во своите ставови и мислења, слушаа џез и танцуваа во чарлстон ритамот, пушеа цигари и разговараа отворено. Флапер девојките беа портпароли на посебноста и претставуваа прва видлива порака за женска еманципација.

Од триесеттите до педесеттите години, идеалот за женска убавина повторно се врати на раскошните девојки и на женствените облини, а една од најпознатите претставнички е Мерилин Монро. Позната е нејзината посебност на „вечно незаштитена“ и тажна девојка.

По ерата на облините од педесеттите, се појавува Твиги која стана причина илјадници девојки да започнат строги диети, до изгладнување, за го достигнат овој идеален за совршенство. Совршенство? Со својот детски изглед, куса коса и машки пропорции на телото, слаба како „гранче“ (од каде и доаѓа надимакот Твиги), Лесли Хорнби воспостави нови норми за поимот убавина. Твиги го означи почетокот на новото време во модниот свет во кое манекенки можат да бидат само оние кои се доволно слаби и на кои карактерот и посебноста им се отцрнува на лицето. Момченцето-жена, пониска од другите модели, со крупни очи, долги трепки и куса коса, со тенки ранце и нозе, молскавично брзо станува симбол на новата ера.

Твиги/Profimedia

Во седумдесеттите, во центарот на вниманието е потрагата по нова карактеристика што ја воведе Ел Мекферсон – „Телото“ . Но, успехот на Ел не се должеше (само) на нејзините долги нозе, туку на тоа што таа го воведе концептот за здрав изглед. Со неа започна ерата на фитнесот кој, по секоја цена, стана неопходен за совршен изглед. Следуваше ерата на супермоделите, Синди Крафорд, Наоми, Клаудија Шифер, Линда Евангелиста, Кристи Тарлингтон… Сите беа толку различни од сите други, и сите – со специфични црти на лицето.    

Синди Крафорд/Profimedia

Во поново време, концептот за убавина зема мешавина од минатите трендови. Успехот на Ким Кардашијан, меѓу другото, се должи на нејзиниот нагласен, голем задник, на Ешли Грем – на позитивниот пристап кон телото и тогаш кога имаме „куп“ килограми повеќе, и така натаму… Денес имаме стоматолози и порцелански навлаки, пластични хирурзи, апчиња за слабеење, маскари за издолжување на трепките, пудри кои ги сокриваат недостатоците и што ли уште не. Со оглед на сите сегашни помагала кои нѝ се на располагање и со чудата кои ги прави „пластиката“, повеќе и не е некој штос да се биде убав. А уште помалку е штос да се биде нечија копија.

Во целата налудничава и хистерична трка по денешните идеали за убавина, штос е да се остане различен и посебен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот