Писателот сакал да ја уништи: Синовите на Габриел Гарсија Маркес ја објавуваат неговата последна книга „Се гледаме во август“
Необјавена книга на починатиот колумбиски писател Габриел Гарсија Маркес, кој го популаризираше жанрот на латиноамериканскиот магичен реализам, денеска ќе се појави во книжарниците, спротивно на неговата желба.
Препорачано
Неговите синови, Гонзало и Родриго Гарсија Барча, во Мадрид го претставија романот „Се гледаме во август“ од 120 страници, кој писателот го напишал во 2004 година, пренесува „Ројтерс“.
Шпанското издание на книгата („En agosto nos vemos“) ќе биде објавено денеска, на роденденот на Гарсија Маркес, а англиското издание на книгата („Until August“) ќе биде објавено на 12 март, објави издавачката куќа „Пингвин рандом хаус“.
Пред неговата смрт во 2014 година, на 87-годишна возраст, Гарсија Маркес изјави дека оваа книга е „бескорисна“ и дека „треба да биде уништена“. Во меѓувреме, неговите синови го прегледале ракописот и оцениле дека тој има книжевна вредност што авторот можеби не ја забележал во последните неколку години од неговиот живот, обележани со губење на меморијата.
„За мене ова значи дека сите дела на татко ми се објавени, дека ништо не чека и во таа смисла тој го затвори циклусот“, изјави синот Гонзало.
Гарсија Маркес остана запаметен, меѓу другото, по книгата „Сто години самотија“, епски роман што му помогна да ја добие Нобеловата награда за литература во 1982 година.
Новата книга ја раскажува приказната за Ана Магдалена Бах, која секој август оди со траект до остров за да го посети гробот на мајка си и таму носи нов љубовник за една ноќ.
Семејството на Гарсија Маркез смета дека книгата, иако авторот не ја доуредил до крај, сепак ја носи препознатливата убава проза и неговото длабоко познавање на човечката психологија.


