Министерот Златко Пирински го промовираше Ресурсниот центар за поддршка и развој на општините .

Перински: Имаме општини што не издале ниедно даночно решение, а бараат пари од „поголемиот брат“

Ќе подадеме рака по којзнае кој пат, ќе помогнеме да се ажурираат податоците за да може да ги зголемат приходите на своите буџетски сметки, посочи министерот

На почетокот на наредната година општините ќе добијат ажурирана база на податоци на даночните обврзници. Ова, како помош на општините го вети министерот за локална самоуправа Златко Перински на денешната промоција на Ресурсниот центар за поддршка и развој на општините. Тој посочи дека општините треба да ја зајакнат наплатата на своите изворни приходи. Изворни приходи на општините се данокот на имот, данок на промет од недвижнини, разни локални такси како, на пример, за истакнување на фирма, како и комуналните такси што се плаќаат за да се добие дозвола за градба. Но, како што потенцираше Пирински, „имаме градоначалници што конектираат 100 проценти од своите сопствени извори на финансирање, но за жал имаме и општини што во последниве години немаат издадено ниту едно даночно решение“.

– Она што можеме да го ветиме е дека со почетокот на 2026 година ќе им доставиме ажурирани бази на даночни обврзници на општините за да може посоодветно да си ги прибираат сопствените извори на финансирање. А тоа зависи од успешноста на менаџирањето на градоначалниците. Ќе подадеме рака по којзнае кој пат, ќе помогнеме да се ажурираат податоците за да може да ги зголемат приходите на своите буџетски сметки. Оние што нема да постапат, во периодот што следува најверојатно ќе бидат ограничени во помошта што ќе им биде на располагање од централниот буџет. Не може да се бараат пари од поголемиот брат, кога сами не си ги конектираат од сопствените извори! – вели Перински.

Тој вели дека за нереализираните приходи, одговорност не бара централната власт од градоначалниците, туку тоа го прави народот, како и институции во рамките на Министерството за финансии, како што е Финансиската полиција.

Според Анализата на Институтот за економски политики и развој „Фајненс тинк“ за извршувањето на општинските буџети за 2024 година, просечна реализација е 87,5проценти кај приходите и 86,2 проценти кај расходите, што претставува подобрена фискална дисциплина во споредба со претходните години. Но, сепак, „Фајненс тинк“ посочува дека има општини со ниска реализација и на вкупните и на сопствените приходи, со ниско учество на данокот на имот. Такви примери се Арачиново (со учество на данокот на имот од 2 проценти во вкупните приходи), Старо Нагоричане (3 проценти) и Могила (2 проценти).

„Ниските показатели упатуваат на ограничен административен и економски капацитет, што ја загрозува нивната способност за автономно финансирање и ја намалува долгорочната фискална одржливост“, заклучува Институтот.

Во Буџетот за 2026 година, трансферите до единиците за локална самоуправа се планирани во износ од 585,3 милиони евра, наменети за финансирање на пренесените надлежности на општините и дотација до општините од приходите од данокот на додадена вредност.

„Блок и наменските дотации до општините се наменети за финансирање материјални расходи и исплата на плати на вработените во институциите со пренесени надлежности на ЕЛС, односно плати на вработените во училиштата, градинките, домовите за стари лица, културните установи и пожарникарите. Дополнителното зголемување од 2,2 милијарди денари е наменето за финансирање на зголемените плати во институциите на локално ниво што се финансираат со блок и наменски дотации, како и за покривање на материјалните расходи на институциите што се финансираат преку блок дотација“, пишува во Предлог-буџетот.

Покрај овие пари, кои како дотации се регулирани приходи што не се од сопствени извори, општините постојано добиваат некаква помош за затворање долгови за да имаат пари во општинската каса. Заклучно со јуни 2025 година, достасаните неплатени обврски на општините изнесуваат 64,7 милиони евра, или 9 проценти од вкупно пријавените обврски на јавните субјекти. Дополнително се обврските на локалните јавни претпријатија основани од општините во износ од околу 197,6 милиони евра.

Во Мислењето на Фискалниот совет за Предлог-буџетот за 2026 година, кој сè уште е во собраниска процедура, нагласено е дека само ако се зајакнат капацитети на општините, за да може да спроведуваат и поголема наплата на даноци, ќе може да се зборува за поголема децентрализација и за намалување на зависноста од централната каса.

„Иако децентрализацијата треба да се забрза и да се намали зависноста на општините од централниот буџет, треба да се имаат предвид капацитетите на општините за управување и капитални инвестиции, но и нивната ефикасност при спроведување на јавните услуги, а особено да се стави фокус и на ефикасноста при наплата на локалните даноци и такси. Јакнењето на капацитетите на ЕЛС долгорочно ќе доведе до нивна поголема децентрализација и намалување на нивната зависност од централниот буџет што е крајна цел на децентрализацијата“, смета Фискалниот совет.

Од еден центар ќе им се помага на сите општини

Владата денес го промовираше Ресурсниот центар за поддршка и развој на општините, како место што ги адресира потребите на општините, начините за нивно решавање, местото што ќе понуди експертиза за секој нов предизвик.

– Ресурсниот центар ќе биде една контакт точка за набљудување на сите предизвици што ги имаат градоначалниците, а кои верувајте се наталожени во изминативе децении. Во овој Ресурсен центар ќе ги канализираме сите донаторски средства што се влеваат во Република Македонија, а се насочени кон помош и поддршка на локалниот и регионалниот развој. Ќе се креираат предлог-решенија за дигитални алатки, ќе се креираат практични брошури што би требале на градоначалниците да им дадат одблиску еден концепт за да се запознаат со тоа што ги чека во нивните градоначалнички мандати. Идејата е да имаме една контакт точка меѓу градоначалниците и администрацијата и централната власт и донаторската заедница. Овој Ресурсен центар беше насушно потребен – рече министерот Перински.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот