Пипен удри по Летечкиот Мајкл: Џордан со „Последниот танц“ сакаше да покаже дека е поголем од животот и е подобар од Леброн Џејмс 

Мајкл Џордан и Скоти Пипен/фото: EPA-EFE

Легендарниот кошаркар на НБА лигата и на Чикаго булс, Скоти Пипен вели дека Мајкл Џордан дозволи да се објави документарниот филм „Последниот танц“ за да докаже дека е поголем од Леброн Џејмс.

Магазинот „GQ“ дојде до делот од автобиографијата на Пипен која треба да излезе во продажба на деветти ноември и во неа кошаркарот пишува за Чикаго булс како и за Мајкл Џордан и „Последниот танц“.

„Моите години во Чикаго, почнувајќи од есента 1987 година беа најдобри во мојата кариера. Дванаесет луѓе дишевме како еден, ги реализиравме нашите соништа кои ги имавме како деца кога ни беше потребна топка, кош и фантазија. Да се биде член на Чикаго во 1990-тите години беше нешто волшебно, како за нас така и за сите времиња“, пишува Пипен во својата книга.

На Пипен не му се допадна ништо околу документарниот филм „Последниот танц“ со кој целата „слава“ ја собра за многумина најдобриот кошаркар на сите времиња, Мајкл Џордан.

– Мајкл ми испрати порака на 19 мај 2020 година во која напиша дека слушнал како сум му лут и дека би сакал да зборуваме за тоа. И беше во право, бев лут поради „Последниот танц“ кој го гледаа милиони луѓе низ целиот свет за време на пандемијата. Последните две епизоди се емитуваа на 17 мај и исто како и претходните осум го величеа Мајкл Џордан, а мене и моите горди соиграчи не ни оддадоа почит. Голем дел од вината за тоа лежи во Мајкл. Продуцентите му овозможија тој да го има последниот збор пред да се објави во јавноста. Тој беше главниот, тој беше режисер. Мајкл беше одлучен во намерата да и докаже на оваа генерација дека беше поголем од животот и дека и поголем од Леброн Џејмс за кого луѓето велат дека е рамо до рамо со него. Затоа ја покажа својата приказна“.

И останатите играчи од шампионската генерација на Чикаго изјавија дека во „Последниот танц“ не е прикажана вистината, Тони Кукоч смета дека само 70 проценти од филмот се вистинити, додека Хорас Грент вели дека 90 проценти од филмот е „срање“.

Секоја епизода беше иста, Мајкл е на пиедесталот, соиграчите на второто место. Секоја сезона добивавме малку пофалби или воопшто не ги добивавме за победите, но често не критикуваше кога ќе загубевме. Мајкл можеше да погоди шест шута од 24 обиди и да има пет загубени топки, но во очите на медиумите и на навивачите кои го обожуваа и понатаму беше Џордан кој не греши. Во втората епизода се занимаваше со моето детство и ме нарече „неговиот најдобар соиграч“. Не можеше да ме потцени повеќе од тоа. Разговарав со поголем број на соиграчи кои по документарецот се почувствуваа понижени и омаловажени како мене. Мајкл Џордан никогаш немаше да биде тоа што беше доколку не бевме јас, Хорас Грент, Тони Кукоч, Џон Пексон, Стив Кер, Денис Родман, Бил Картрајт, Рон Харпер, Би Џеј Армстронг, Лук Лонгли, Вил Пердју и Бил Венингтон. Им се извинувам на сите кои ги изоставив. За работата да биде полоша, Мајкл за својата улога во документарецот доби 10 милиони долари, а моите соиграчи и јас не добивме ништо. Тоа е само уште едно потсетување на поредокот од старите денови“, пишува Пипен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот