Фото: Pixabay / StockSnap

Пигмент во црвената коса има скриена супермоќ за која не сме знаеле досега

Истражувачите велат дека луѓето со генетски варијанти за црвена коса може да имаат посебни клетки кои ги штитат.

Научниците кои го проучуваат портокалово-црвениот меланин во птичјите пердуви откриле дека неговото производство може да помогне во спречувањето на оштетување на клетките, пишува „Саенс алерт“ (Science Alert).

Овој пигмент се нарекува феомеланин, а за неговата синтеза е потребна аминокиселина наречена цистеин. Кога премногу цистеин се таложи во клетките, може да предизвика оксидативно оштетување.

Според истражувачите од Националниот музеј на природни науки во Шпанија, луѓето со генетски варијанти за црвена коса може да имаат специјални клетки кои можат да го претворат вишокот цистеин од храната или околината во пигмент.

Користејќи зебра канаринци како модел, тимот покажал дека феомеланинот може да има заштитна улога во одржувањето на здравјето на клетките.

Во експериментите, машките канаринци кои не можеле да произведуваат феомеланин покажале повисоки нивоа на оксидативно оштетување кога биле хранети со вишок цистеин во текот на еден месец, во споредба со оние кои можеле да го произведуваат пигментот.

Женките зебра канаринци природно не произведуваат феомеланин и не биле погодени од лековите што го блокираат неговото производство.

Иако тие исто така покажале знаци на малку зголемено оксидативно оштетување кога биле хранети со дополнителен цистеин, во споредба со женките кои не добивале дополнителен цистеин, разликата се сметала за незначителна.

И двата исхода сугерираат дека вишокот цистеин придонесува за оштетување на клетките и дека производството на феомеланин може да заштити од дел од тоа оштетување.

Кај луѓето, производството на феомеланин е концентрирано на усните, брадавиците и гениталиите, но црвенокосите исто така го имаат во косата и во кожата.

Феомеланинот е поврзан со зголемен ризик од меланом, но тоа не се сите лоши вести.

Врз основа на своите наоди, истражувачите веруваат дека генетските варијанти што го поттикнуваат производството на феомеланин веројатно им помагаат на клетките да ги одржат нивоата на цистеин во рамнотежа, користејќи го вишокот цистеин за да создадат феомеланин.

„Овие наоди претставуваат прво експериментално докажување на физиолошката улога на феомеланинот, а тоа е да се избегне токсичноста на вишокот цистеин, што доведува до подобро разбирање на ризикот од меланом и еволуцијата на боењето на животните“, пишуваат авторите на студијата.

Студијата е објавена во списанието „ПНАС Нексус“ (PNAS Nexus).

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот