Петковиќ: Србија утре ќе побара итна седница на СБ на ОН поради укинувањето на динарот во Косово
Директорот на српската владина канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, изјави дека српскиот народ во Косово е во „многу тешка ситуација“ поради одлуката на Приштина за преодниот рок за укинување на динарот и најави дека Србија утре ќе побара итен состанок на Советот за безбедност на ОН поради постоечките тензии, јави дописникот на МИА од Белград.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Петковиќ за РТС изјави дека косовскиот премиер Албин Курти започна криза што води до „спирала на насилство“ и оцени дека „Србите кои живеат во Метохија се во најлоша положба откако се повратници“.
-Причините поради кои бараме вонредна седница на Советот за безбедност на ОН е тоа што Албин Курти врши етничко чистење на српскиот народ на Косово и Метохија или, како што во правните конвенции е формулирано, создава неподнослив услови за живот намерно подложувајќи ги Србите на такви услови да не можат да опстанат во Косово и Метохија, туку да бараат излез, особено на подрачјето на централна Србија, рече Петковиќ.
Тој додаде дека во последната година повеќе од 14 отсто од Србите ја напуштиле територијата на Косово и живеат во централна Србија.
Според него, во саботата двајца вработени во Поштата во Гораждевац биле уапсени од косовската полиција и запленети се пари наменети за исплата на пензии на Србите.
-Тие беа задржани повеќе од 12 часа во полициската станица во Печ и беа испрашувани. Дури синоќа околу 20:00 часот им беше дозволено да си одат дома. Затоа, начинот на кој Албин Курти демонстрира сила кон српскиот народ на Косово и Метохија е апсолутно неприфатлив, сега оди дотаму што буквално им оневозможува на Србите да добиваат пензии и социјални бенефиции и тоа на Србите повратници, бидејќи токму тие четири милиони динари биле наменети за таков вид на плаќање, рече Петковиќ.
Тој оцени дека САД првпат „реагирале адекватно“ од почетокот на кризата и дека изјавата на Џефри Ховениер е охрабрувачка бидејќи го осудил нападот врз српските институции на Косово.
-Се разбира, Америка нема да ја промени својата политика кон таканареченото независно Косово и Метохија, но во овој случај, кога станува збор за укинување на динарот, што создава хуманитарна катастрофа во Косово и Метохија, гледаме поинаква реакција во српските кругови, изјави Петковиќ.


