„Петардите не се играчка, тие се опасни по животот“: Полицијата предупредува дека продавањето експлозиви се казнува со затвор
Петардите не се играчка, нивното користење е строго забрането бидејќи може да биде исклучително опасно по животот и по здравјето на луѓето, особено на младите, и да остави трајни последици, предупредува Министерството за внатрешни работи.
Препорачано
МВР денеска го упати апелот до граѓаните, во кој ги повикува да се воздржат од употреба на пиротехнички средства за време на Новогодишните празници.
Од Министерството информираат дека интензивно спроведуваат активности за спречување на употребата и нелегалната продажба на пиротехнички средства, особено во периодот пред новогодишните празници кога петардите се најзастапени. Целта е да се подигне свеста кај младите и кај нивните родители за штетните и потенцијално сериозни последици од овие средства.
„МВР презема акциски контроли со цел санкционирање на употребата на петарди и на други пиротехнички средства и ги потсетува граѓаните на законските одредби кои ја регулираат нивната употреба и продажба,“ велат од Министерството.
Оттаму укажуваат дека Законот за прекршоци против јавниот ред и мир во член 31 предвидува глоба за секој што неовластено користи пиротехнички средства. МВР потсетува и на членот 396 од Кривичниот законик, кој казнува недозволено изработување, држење и тргување со оружје, муниција или со експлозиви – со затвор од три до десет години, а ако се работи за поголемо количество забранети материјали, казната е најмалку пет години затвор.
Министерството упатува апел до родителите да не купуваат пиротехнички средства за своите деца поради ризиците по здравјето и по животот.


