Петарда на Македонија ЃП, „пандевци“ го делат врвот со Шкупи и Ренова

Чаирчани славеа на гости кај Пелистер, Кире Маркоски (ФК Шкупи)/Фото: facebook.com/fcshkupi1927

Се комплетираше третото коло во Првата македонска фудбалска лига, актуелниот шампион Шкендија и во оваа рунда не успеа да дојде до триумф откако во Штип ремизираше 3:3 со Шкендија.

За составот на Марјан Секуловски ова е веќе трето реми по ред сезонава, после првото полувреме штипјани водеа со голот на новото засилување Алтипармаковски во 12 минута.

Во 59 минута домаќините си постигнаа автогол (Азиновиќ, 59`) за израмнување на 1:1, а само 180 секунди предноста на домаќините ја врати Стојанов. Во 81 минута Ибраими се погрижи за нов егал, а прва позитива на овој меч за тетовскиот клуб донесе Дориев пенал (89`).

Играчите на Бруно Акраповиќ беа блиску до трите бода, но тоа не го дозволи Дујовски во самиот финиш од средбата (90+2`).

Македонија ЃП како домаќин убедливо славеше над Скопје (5:1), за „лавовите“ од Ѓорче Петров двапати во листата на стрелците се запиша Попзлатанов, а по еднаш Адем, Ефремов и Лемос, а на спротивната страна погодокот беше дело на Демир.

Мируваа мрежите на дуелот Работнички – Струга Трим Лум, а Шкупи како гостин беше подобар од Пелистер. Уште во првата минута тимот од Чаир дојде во водство преку Радески, а во шестата автогол си постигна Јусуф. Иако од 29 минута фудбалерите на Гоце Седлоски беа со еден играч помалку поради црвениот картон на Алварез, до крајот успеаја да ја задржат предноста.

Ренова ја запиша и втората победа сезонава откако го совлада Борец (2:0), едниот гол го постигна Селмани, а Академија Пандев со истиот резултат триумфираше над Тиквеш, стрелаа Мирчевски и Манев.

Табела: Академија Пандев 7 бодови, Шкупи 7, Ренова 7, Македонија ЃП 6, Струга Трим Лум 5, Работнички 4, Брегалница Штип 3, Борец 3, Шкендија 2, Скопје 2, Тиквеш 1, Пелистер 0.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот