Пелистер загуби убедливо од Широки во АБА 2 лигата
Кошаркарите на Пелистер загубија убедливо (73:93) од Широки во натпреварот кој за нив беше еден од оние „да се биде или не“ во АБА 2 лигата. Битолскиот тим со овој пораз практично на коло пред крајот на првата фаза, се наоѓа пред елиминација од понатамошното натпреварување во регионалната лига.
Се чини дека кога беше најпотребно, екипата од Битола одигра под сите очекувања. Со исклучок во првата четвртина, сето останато помина во доминација на домашната екипа, која од првата до последната минута покажа дека знае што сака, и на крајот и го реализираше тоа.
Податокот кој вели дека Пелистер својот прв точен обид зад линијата од 6.75 метри го имаа дури во 26 минута од играта, говори се за играта на нашиот претставник на овој натпревар кој за нив беше клучен, поврзано со евентуален премин во ТОП 8 фазата од АБА 2 лигата.
Со одличната втора четвртина, Широки се стекна со висока предност (53:39). Не застанаа тука домашните кошаркари, напротив, во продолжението Широки дојде и до „плус 20“ (62:42), за некоја минута подоцна, таа биде уште повисока (79:53), како што беше резултатот во 29 минута. Односно уште тогаш стана јасно дека Пелистер нема што да бара на овој натпревар, по кој табелата во групата „Ц“ вели дека по пет одиграни кола, „пелистерци“ имаат ефект од една победа и четири порази.
Едвардс имаше 20 поени (7/7 во бидите за два поени), Бојиќ рализираше 18, а Антоан уште 11 поени за екипата од Битола на ова гостување во Широки.
А во последното шесто коло од првата групна фаза во АБА 2 конкуренцијата, на 19 декември, „зелено-белите“ ќе играат пред својата публика во салата „Борис Чурлевски“ кога за противник ќе ја имаат екипата на Подгорица, која исто како и Широки засега е на ефект 2-3.