Пелистер подготвен за европската битка против Превидза
Сè е подготвено за битолската европска кошаркарска премиера, вечерашниот меч од второто коло во ФИБА Европа купот во кое Пелистер ќе биде домаќин на Превидза од Словачка (19.00 часот, сала „Боро Чурлевски“ – Битола).
Препорачано
„Пелистерци“ претрпеа пораз во првиот меч во Загреб од Цедевита јуниор, но таа лекција е научена, па се очекува избраниците на тренерот Даскаловски максимално мотивирани да го дочекаат гостинот.
Промената на пристапот е она што сите во таборот на Пелистер го потенцираа во пресрет на овој меч, најавувајќи една иста работа – максимална борба во текот на сите 40 минути со единствена цел, да се стигне до победа што ќе биде прославена со битолската публика.
– Пред нас е првиот европски меч во Битола, податок што дефинитивно е мотив плус за сите нас. Знаеме дека нема да биде нималку лесно, а клучот ќе биде во нашиот пристап. Ако одиграме онака како што знаеме, ако се бориме и го спроведеме она што го договараме, верувам дека ќе успееме да се радуваме на крајот – вели кошаркарот на Пелистер, Никола Малешевиќ.
Превидза во првото коло покажа дека е исклучително квалитетен тим, рутински славејќи над Керавнос со убедливи 82:68, меч што беше анализиран од страна на стручниот штаб и кошаркарите на Пелистер.
– Ги скаутиравме и знаеме дека сакаат да играат физичка кошарка, ги увидовме нивните предности, како и слабите страни. Играат брза кошарка, незгодни се во транзиција. Ако успееме да го запреме тоа и ние бидеме во котрола над темпото, ќе си ја олесниме задачата на патот кон првата европска победа која сите ја посакуваме – рече Малешевиќ.
Билетите по цена од 200 денари од денеска ќе можат да се купат и на билетарницата во салата „Боро Чурлевски“.


