Пех за кошаркарките, на натпреварот против Германија ќе играат без Девана Бонер
Женската кошаркарска репрезентација на Македонија на натпреварот против Германија ќе настапи без најдобрата кошаркарка, Девана Бонер.
Препорачано
Натурализираната Бонер, се пожали на болки во пределот на рбетниот столб. По деталните лекарски прегледи, и ренгентските снимки, лекарскиот тим на репрезентацијата процени дека во овој момент таа не може да настапи на натпреварот против Германија.
– Не можеме ништо против ова. Сериозен, огромен хендикеп ќе биде отсуството на Девана на овој меч во Германија. Лекарите советуваа таа да мирува, да одработи дополнителни терапевтски вежби, и да се обиде да биде подготвена за натпреварот во недела, против БиХ. Нема дополнителен повик, за Хале патуваме со 11. кошаркарки, и со желба да прикажеме добра игра против фаворитот – изјави селекторот Александар Ашаданов.
Бонер мора да мирува во наредните неколку дена, а наредната контрола ќе покаже дали таа ќе биде подготвена за вториот натпревар од квалификациите за ЕП 2023 година кое ќе се одржи во Словенија и Израел.
Кошаркарите на стартот од квалификациите за ЕП 2023 година, утре ќе играат против Германија во Хале, а в недела во СРЦ „Кале“ ќе ја пречекаат селекцијата на БиХ.


