Павлов: Блиску сум до обезбедување на олимписка норма, докажав дека имам квалитет да ги победам најдобрите

фото: Фејсбук

Докажав дека имам квалитет да ги победам најдобрите, но ми останува главниот турнир кој ќе се одржи во Париз во мај. Таму ми е потребно да освојам било каков медал и тогаш дефинитивно ќе обезбедам олимписка норма, вели Павлов кој има историска можност да биде првиот македонски каратист со олимписка норма.

Најдобриот македонски каратист, Емил Павлов, изминатиот викенд оствари нов голем успех, триумфира на турнирот од Премиер лигата во Салцбург и направи уште еден чекор кон обезбедување на олимписка норма за Игрите во Токио.

Павлов на патот до златниот медал успеа да ги совлада некои од најдобрите каратисти во светот, како Дархан Асадилов кој има обезбедено олимписка норма, и актуелниот светски шампион, Анџело Крешенцо.

фото: Фејсбук

– Имав успешен настап на турнирот од премиер лигата во Салцбург, станува збор за еден од најголемите турнири во светот. Имав пет борби и пет победи, а од нив би ги издвоил последните две, полуфиналната и финалната каде се борев против првиот каратист на ранг листата, Дархан Асадилов, кој веќе има обезбедено пласман на Олимписките игри во Токио. Во финалето го совладав Италијанецот Крешенцо кој пак е актуелен светски шампион. Победата е послатка бидејќи го победив противникот буквално во последната секунда – вели Павлов.

Токму победите над актуелниот светски шампион на големите натпреварувања му преминаа во навика на Павлов. На патот до европската титула во 2018 година, тој во полуфиналето беше поуспешен токму од Крешенцо.

Сепак иако триумфира на два од последните три карате турнири од премиер лигата, Емил Павлов се уште нема обезбедено олимписка норма. Визата ќе мора ја вади на квалификацискиот турнир во Париз кој ќе се одржи во мај годинава.

– Мислам дека сум блиску до обезбедување на олимписка норма. Докажав дека имам квалитет да ги победам најдобрите, но ми останува главниот турнир кој ќе се одржи во Париз во мај. Таму ми е потребно да освојам било каков медал и тогаш дефинитивно ќе обезбедам олимписка норма.

Моментално сум во добра форма, се надевам дека здравјето ќе ме служи и исто така се надевам дека ќе успеам да дојдам до медал. Ќе се обидам да ја темпирам формата за месец мај и се надевам дека после подолго време Македонија ќе има спортисти на Олимписките игри со обезбедена норма – смета Павлов кој со победата во Салзбург дојде до седмата позиција на ранг листата и за влакно не успеа уште сега да обезбеди пласман на Игрите во Токио.

– Се уште не се знае кои ќе ми бидат противници на турнирот во Париз, сега се дефинира најновата ранг листа, и според неа првите четворица ќе обезбедат директен пласман на ОИ, а останатите ќе се бориме во Париз. На најновата ранг листа сум на седмата позиција, ќе морам на потешкиот начин да се обидам да дојдам до олимписката норма.

Последна процерка пред настапот на турнирот во Париз, за Емил Павлов ќе биде настапот на Европското првенство кое кон крајот на месецов (25-29 март) ќе се одржи во Баку, Азербејџан.

– Европското првенство кое треба да се одржи кон крајот на март ќе претставува добра подготовка за тоа што ме очекува во Париз за два месеци. Се надевам дека ќе го продолжам континуитетот на освојување на медали на европските првенства и евентуален успех ќе му биде дополнителна мотивација за добар настап на квалификацискиот турнир во Париз.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот