Патувачкиот уметнички фестивал „Културен амалгам“ на КИЦ – Скопје ќе оди во Куманово
Патувачкиот фестивал „Културен амалгам“, кој почна во Културно-информативниот центар во Скопје и продолжи во Крива Паланка, на 7 август продолжува на својата следна станица, во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, каде настанот ќе биде отворен во 20 часот.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Публиката ќе има можност да ја проследи ревијалната изложба „ФотоСинтеза“, која прикажува редок избор на алтернативна фотографија, со техники како цијанотипија, гумоил и вандајк, а ќе бидат изложени дела на над 40 автори, кои го оживуваат минатото со современа чувствителност.
По изложбата, ќе следува и проекција на документарниот филм „Манaки – приказна во слики“ на Роберт Јанкулоски по сценарио на Илинденка Петрушева, посветен на животот и делото на првите балкански кинематографери браќата Манаки, со внимателно истражен и документарен пристап кон нивното наследство.
Овој мултимедијален и интердисциплинарен фестивал е иницијатива на Културно-информативен центар (КИЦ) – Скопје, со цел децентрализација на културата во Македонија и поттикнување на соработка меѓу сродните културни институции низ земјата.
Настанот е бесплатен и отворен за сите љубители на уметноста и фотографијата. Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Македонија, известија од КИЦ – Скопје.


