Зимски услови, снег на пат / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Патиштата низ Македонија се проодни, но и лизгави – возачите вечерва да внимаваат

Повеќето патишта низ државата вечерва се проодни, а сообраќајот се одвива по влажни и лизгави коловози на кои се очекува подмрзнување, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Во Полошкиот регион патиштата се проодни, но воведена е забрана за сообраќај на тешки товарни возила на правците Гостивар – Маврово – Дебар и Гостивар – Стража. ЦУК наведува дека и во Велешкиот регион, Кавадаречко, Кумановскиот регион, како и во Штипско и Струмичко, сообраќајот се одвива без прекини.

Покомплицирана е состојбата во Кичевско, каде што врне снег, а на планинските села врнежите се поинтензивни. Според извештајот, екипи на ЈП „Македонија пат“ – секција Кичево, со механизација вршат континуирано расчистување и опесочување, но поради обилните врнежи на поединечни делници има остатоци од снег на коловозот. Во самиот град главните улици се исчистени, додека чистењето на споредните улици е отежнато поради паркирани возила.

ЦУК информира дека сè уште е во сила забраната за движење на товарни моторни возила на планинските превои Стража и Пресека. Во Битолско, патните правци кон ски-центрите Пелистер и Нижо Поле се проодни, а во Новаци и Могила нема непроодни правци. Регионалните патишта Крушево – Прилеп и Крушево – Демир Хисар се проодни, додека патот Крушево – Пуста Река е прооден за возила со зимска опрема и се третира како втор приоритет.

Иако состојбата е стабилна, влажните коловози во зимски услови ноќе брзо можат да преминат во голомразица, особено на мостови, надвозници, сенковити делници и планински превои. Затоа, апелот до возачите е да се вози со прилагодена брзина, да се држи поголемо растојание и да се користи соодветна зимска опрема, особено на правците каде што сè уште има остатоци од снег и се врши опесочување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот