Партиски препирки за случајот со малтретираното бебе

Не постои поголем политички срам од тоа ДУИ да се обидува да профитира од насилство врз бебе, оценува коалицијата „Вреди“.

„Има ли дно што не може да го пробијат? Кое е тоа политичко лудило да се тврди дека причината за насилството врз бебе е заради тоа што ДУИ не е дел од Владата? Зарем вчера не ги регистрираа постапките на министерот Арбен Таравари и директорот Реџеп Мемеди? И конечно, ако бараат оставки и посочуваат на одговорност после 20 дена од формирањето на новата Влада, тогаш што треба да се бара за 22 годишниот режим на ДУИ? Да се избрише ДУИ од регистарот на политички партии заради сите злодела што им ги направи на Албанците?“, велат од „Вреди“.

Од тука ги повикуваат ДУИ да се отрезнат, да се соочат со реалноста, програмски и кадровски да се реформираат и да почнат да делуваат како конструктивна опозиција.

Претходно Демократската Унија за Интеграција (ДУИ) го осуди, како што вели, скандалозното насилство врз 3-месечното бебе од етнички причини и повика на оставки од страна на министерот за здравство и директорот на Клиниката.

„Скандалозното физичко насилство констатирано врз 3-месечно албанско бебе од етнички причини од страна на медицинскиот персонал на Детската клиника е неприфатливо, нечовечно и е последица на политичката немоќ на поразените на изборите кои секојдневно ги понижуваат Албанците. Демократската унија за интеграција бара итна истрага и правна одговорност за сторителите на насилството и одговорност на носителите на фунцкиите без етнички легитимитет во Министерството за здравство и Детската клиника. Вчерашните снимки од бебе полно со знаци на насилство ја згрозија јавноста, а оставката и одговорноста не треба да се одложат ниту миг“, се вели во соопштението на ДУИ.

Синоќа во посета на бебето беше министерот Таравари, кој рече дека специјална комисија на Клиниката за педијатрија ќе го разгледа случајот и ќе ја слушне и другата страна. Ако се покажат вистинити тврдењата на семејството дека бебето било тепано од етнички причини, ќе бидат итно преземени мерки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот