Партиска призма: Што покажа истрагата за Мухамед Зекири

Мухамед Зеќири во Кривичниот суд / Фото: МИА

Откако дојдоа на власт во 2017 година СДСМ и ДУИ не прекинаа со крадењето на парите на граѓаните.  Изминативе неколку години сме сведоци како секој еден можен функционер на СДСМ буквално си зема од парите на граѓаните и не одговара за истото, нагласи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски на денешната прес конференција.

Последниот случај каде што гледаме сериозен криминал, сериозно крадење на пари е од страна на кумашинот на Зоран Заев, поранешниот премиер и гуру на лоповите во Македонија, тоа е Мухамед Зекири. Мухамед Зекири видовме преку медиумите дека без тендер во 4 очи направил коруптивен договор со двајца хрватски државјани во вредност од околу еден милион евра, правејќи фиктивни физибилити студии за рационализација и продажба на институција која што е под владата Македонски пошти.  Или  како што и самите знаат да кажат тоа било семинарски труд. Македонски пошти е компанија која што свесно изминативе неколку години ја пропаднаа владата на СДСМ и ДУИ, таму вработените немаат пари да поделат плати, а Мухамед Зекири наместо тие еден милион евра кои ги ограбил или сакал да ги украде или кои ги земал парите на граѓаните, наместо да ги инвестира како влада во Македонски пошти и да помогне да профункционира таа институција, Мухамед Зекири како кумашин на Зоран Заев истите тие пари си ги присвоил за себе, рече Арсовски.

Тој прашува дали и колку пари  од овие кои ги земал Мухамед Зекири завршиле во нечии други џебови како провизии.

-Сите знаеме целата јавност знае дека нема тендер, нема матна зделка  или коруптивна, каде што не се вмешани други луѓе од врвот на СДСМ. Дали и колку пари завршиле кај Зоран Заев, дали и колку пари завршиле кај Ковачевски? На ова треба да одговори обвинителството, а не веќе ден, два, три да молчи и да остане таму каде што е во моментов случајот. Дали е можно, најблиските луѓе на Зоран Заев и на Ковачевски да крадат, а тие да не земат процент? И за ова треба да одговори обвинителството. После Драги Рашковски, Мухамед Зеќири. После Мухамед Зеќири ќе видиме кој ќе е, но најверојатно и тој ќе биде по истиот терк, бидејќи таму бираат луѓе единствено кои што знаат да ја завршат домашната задача. Но, криминалната домашна задача, а не домашната задача за граѓаните, нагласи Арсовски и уште еднаш го повика обвинителството до крај да го истражи целиот случај.

Владејачката СДСМ има свое толкување за коруптивниот скандал за кој е осомничен Зекири и кој од петокот е во притвор во истражниот затвор Скопје.

-Сега законите важат за сите подеднакво, без разлика кој на која позиција или функција во одреден момент се наоѓал. Тоа е владеење на право за којашто сите ние се залагавме и правиме се да обезбедиме независни правосудни органи. Тие имаат обврска да постапуваат по закон и во една транспарентна постапка да се докаже дали имало некакви злоупотреби, дали и кој треба да понесе одговорност, соопштија од СДСМ.

Од партијата потсетуваа на низа коруптивни скандали во кои беа вмешани челните луѓе на ВМРО-ДПМНЕ:

-ВМРО-ДПМНЕ е криминална партија која бранеше и се уште брани криминал. Признанијата и бројните судски пресуди и предмети против функционерите од ВМРО-ДПМНЕ се потврда за тоа, како што се Титаник, Тврдина, Топлик, Тенк, и многу други. Во времето на ВМРО-ДПМНЕ, институциите, судството и обвинителството беа под целосна контрола на криминалната врхушка на власта. Наместо да гонат, штитеа криминал. Дополнително, на никој не му паѓаше на памет да понесе одговорност, ниту пак да да поднесе оставка, напротив. Кога се објавуваа криминалните скандали преку така наречените бомби ВМРО-ДПМНЕ ги негираше, за денеска да ги признае во целост. Дел од овие криминални случаи се и за актуелни пратеници на ВМРО – ДПМНЕ, соработници на Христијан Мицкоски. За целиот овој криминал до денеска Христијан Мицкоски ниту еднаш се нема извинето, од никого не побарал оставка ниту пак одговорност. Напротив, под инструкции на Никола Груевски до денеска ги штити, реагираат од СДСМ и додаваат дека „има голема разлика тогаш и сега во делот на владеењето на правото“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот