Партијата на Каракачанов се буни зошто договорот за тунелот бил напишан на англиски
„Зошто, како бугарски министер, потпишувате договор на англиски јазик со луѓе кои го разбираат и зборуваат нашиот јазик?“. Писмо со вакво прашање испратила бугарската екстремнодесничарска партија ВМРО-БНД до тамошниот министер за транспорт и врски по повод договорот кој го потпишаа Македонија и Бугарија за меѓуграничен железнички тунел, којшто е дел од Коридорот 8.
Препорачано
Организацискиот секретар на партијата, Александар Сиди испратил писмо до министерот Караџов, пренесува бугарски „Фокус“.
„Кога потпишувате договор за финансирање на градилиште, на пример во Бургаската област, дали го потпишувате и на англиски јазик? Според сите документи од Институтот за бугарски јазик на Бугарската академија на науките, како и од сите водечки универзитети во земјата и странство, тие се категорични дека јазичната норма на која луѓето зборуваат и пишуваат во РСМ е дијалектна форма на бугарскиот јазик. Затоа, категорично не разбирам, особено со оглед на фактот дека официјалниот бугарски став не се разликува од научниот, зошто вие, како бугарски министер, потпишувате договор на англиски јазик со луѓе кои го разбираат и зборуваат нашиот јазик“, прашува Сиди во писмото.
ВМРО-БНД инсистира „механизмот за донесување одлуки во врска со потпишувањето на предметниот Договор со Македонија на англиски јазик да биде јавно објавен и да се преземат сите потребни чекори за повторно потпишување на овој документ на начинот опишан во Договорот за добрососедство од 2017 година“.
Македонија и Бугарија по повеќемесечен застој, на крајот на јуни на министерско ниво постигнаа договор за придвижување на работите за железничкото поврзување.


