ВИДЕО: Паркинг-редари наплаќале 80 денари за влез со кола во Штип за „Пастрмајлијадата“, градоначалникот изненаден

„Пастрмајлијада 2019“ / Фото: Слободен печат

Вработени во штипското јавно претпријатие „Стипион“ вечерва се распоредени на кружниот тек на влезот на градот од правец на Скопје и Кочани и ги запираат автомобилите кои немаат штипска регистрација и бараат да платат 80 денари ако се дојдени за манифестација „Пастрмалијада“, објави СДК.мк. Според порталот, бесплатно се пропуштаат само возилата со штипска регистрација или оние кои кажуваат дека одат на гости или имаат некоја друга работа, односно не се дојдени во Штип за „Пастрмајлијадата“.

„Го копираме теркот на другите градови кои за вакви и слични манифестации наплаќаа при влез. Ние барем им даваме флаери на оние штом ќе платат да видат скица каде може да се паркираат во градот, посебно во околината на градскиот стадион во Штип каде се одржува манифестацијата. Со платениот влез, всушност, го плаќаат целовечерното паркирање што е на ниво на целодневното како секој обичен ден“, изјавиле вработени во „Стипион“ за СДК.

На социјалните мрежи се појавија и снимки на кои се гледа како паркинг-редарите ги запираат колите и им наплатуваат на возачите, од кои некои велат дека им барале 100 денари.

На влезот во градот се создал метеж, а револтирани возачи прашуваа зошто мора да платат за да влезат во градот. По извесно време, вработените во службата за паркинзи по налог на градоначалникот Иван Јорданов прекинале да наплатуваат и почнале да ги пропуштаат возилата.

„Штом дознав за ова веднаш наредив да се стопира наплатата. Како дошло до тоа ќе видиме, но можам да кажам дека до крајот на ноќта и во текот на утрешниот втор ден од манифестацијата такво нешто ќе нема“, вели градоначалникот Јорданов.

Големиот број заинтересирани од другите градови денеска се упатуваа кон Штип за да присуствуваат на настапите на музичките групи ДНК, Ангушеви и на концертот на хрватската пејачка Јелена Розга. На традиционалното сечење на џиновската пастрмалија присуствуваше и евроамбасадорот Дејвид Гир.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот