Парискиот музеј Лувр делумно отворен: Продолжува штрајкот на работниците
Парискиот музеј Лувр денес е отворен само делумно, односно посетителите можат да разгледаат многу ограничен дел од музејскиот простор поради продолжување на штрајкот на синдикатите и собранието на вработените, пишува „Економик тајмс“.
Препорачано
Одлуката за делумно отворање на Лувр е донесена утрово на генералното собрание на претставниците на вработените, свикано од синдикатите CGT, CFDT и SUD.
Посетителите можат да ја разгледаат само скратената музејска тура, која е фокусирана на најпознатите ремек-дела, од „Ника од Самотрака“ до „Мона Лиза“.
Претходно утрово, музејот не беше отворен во предвиденото време бидејќи вработените се состанаа за да одлучат дали ќе продолжат со штрајкот, започнат во декември поради плати и услови на работа.
Вработените во Лувр започнаа четиридневен штрајк на 15 декември, кога музејот првично беше целосно, а потоа делумно затворен. На 19 декември, персоналот гласаше за прекин на штрајкот до 5 јануари. Синдикатите тогаш оценија дека одговорите од Министерството за култура се „недоволни и под реалните потреби на секојдневната работа“, истакнувајќи дека од тогаш чекаат „предлози соодветни на важноста на предизвиците“.
За да се избегне целосно затворање на музејот пред Божиќ, Министерството за култура одржа неколку состаноци со синдикатите, вклучувајќи и разговори со министерката за култура Рашида Дати. Меѓу барањата на синдикатите се промена на моделот на управување, вработување дополнителен персонал и откажување од диференцираната политика на цени, која требаше да стапи на сила во јануари.
Музејот на 19 октомври 2025 година беше жртва на кражба, при што беа украдени осум парчиња француски кралски накит, со проценета вредност од 88 милиони евра.


