Бебе / Фото: принтскрин

Паника меѓу родителите по повлекувањето на „аптамил“, педијатрите смируваат: Новите серии се безбедни!

По повлекувањето на некои серии на бебешка храна „аптамил“од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, родителите во паника кое адаптирано млеко да го користат. Педијатрите велат дека изминативе десетина дена откако е објавено дека се повлекуваат цели серии од оваа бебешка храна имале десетици јавувања на родители чие бебе го хранат токму со ова адаптирано млеко.

-Родителите на бебиња се вознемирени и исплашени, посебно оние чии деца се на ова адаптирано млеко „аптамил“. Дел од нив веќе се обиделе и да го сменат млекото, но може да се случи бебето да не го прифати новото. Ги советувам дека само наведените серии се контаминирани, но сепак се плашат да купат „аптамил“ – вели педијатар за „Слободен печат“.

Педијатарот вели дека адаптираното млеко е единствен избор доколку мајката поради некоја причина не може да дои и останува на прво место по важност дури и кога бебето ќе почне да јаде друга храна барем во првата година. Македонските мајки, најчесто користат млеко во прав, спакувано во кутии од 400 и 800 грама, а нивната цена според проверката на „Слободен печат“ низ аптеките се движи од 850 до повеќе од 1.500 денари.

Во аптеките велат дека граѓаните се информирани за повлечените серии на „аптамил“ и објаснуваат дека скоро секој кој сака да купи ги проверува сериските броеви и покрај известувањето дека на пазарот нема неисправно млеко.

-„Аптамил“ е помеѓу најпродаваните адаптирани млека. Се купува, секако, но скоро сите прашуваат дали е од новите серии кои се увезени по контаминираните – велат во една скопска аптека.

Цела работа започна на крајот на минатиот месец кога Агенцијата за храна и ветеринарство излезе со информација дека од македонскиот пазар итно се повлекува производот „аптамил АР 2“, енг 24×400 грама, серија 2027.01.02, кај кој е утврдено контаминација со цереулид (cereulide), информира Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Агенцијата апелираше потрошувачите кои веќе го имаат купено овој производ со наведениот лот и рок на употреба да не го користат или да го вратат на местото од каде што го купиле.

Се повлекува бебешката храна „аптамил“ – тие што веќе ја купиле да ја вратат

Вчера пак АХВ соопшти дека превентивно се повлекуваат неколку серии на бебешката храна од брендот „аптамил“, кај кои постои можност за присуство на цереулид.

Направена е итна инспекциска контрола кај увозникот на производите, од кој АХВ доби и официјално известување дека од пазарот веќе се повлечени производи опфатени со нотификациите и дека е извршено и нивно отповикување.

„Апелираме потрошувачите кои имаат купено од наведените производи со дефинираните сериски броеви и рокови на употреба, да не ги користат, нештетно да ги уништат, или да ги вратат на местото од каде се купени“, соопшти АХВ.

Цереулид е токсин отпорен на топлина произведен од бактеријата „бацилус цереус“ која може да се развие во храната. Најчестите симптоми на можна инфекција се повраќање и дијареја, кои се јавуваат кратко време по консумирањето на млекото, помеѓу 30 минути и три часа. Симптомите се многу слични на оние на стомачен вирус.

„Со контролата утврдено е дека целокупнатата увезена количина е дистрибуирана на пазарот во Македонија, односно, производот не е пронајден во магацините на увозникот и дека, како што и самиот оператор ја известил Агенцијата и јавноста, веќе се врши итно повлекување на дистрибуираните количини од овој производ од пазарот.
Во однос на повлекувањето на неколку брендови формули за доенчиња од компанијата „Нестле“ во повеќе европски земји, АХВ проверува дали тие се увезени во земјава, иако засега за нив нема добиено известување преку Системот за брзо предупредување за храна и храна за животни (Rapid Alert System for Food and Feed) на Европската Унија. Како одговорна институција за безбедноста на храната, Агенцијата за храна и ветеринарство ја следи состојбата и доколку се јави потреба навремено ќе реагира со преземање на соодветни мерки за заштита на животот и здравјето на бебињата“, стоеше во соопштението на АХВ.

Македонија увезува храна за доенчиња од житарки, брашно, скроб или млеко, за 6,34 милиони долари. Македонија увезува храна за доенчиња главно од: Ирска (1,47 милиони долари), Холандија (1,01 милиони долари), Австрија (848 илјади долари), Србија (763 илјади долари) и Хрватска (661 илјади долари).

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот