Пандев уште еднаш му се заблагодари на селекторот: Шефе, благодарам е малку да ти кажам, го сплотивте цел македонски народ
Фудбалската репрезентација на Македонија конечно го исполни 30-годишниот сон и беше дел од Европско првенство, но по завршување на настапите остана без двајца од најзаслужните за историскиот успех. Капитенот Горан Пандев и селекторот Игор Ангеловски по натпреварот со Холандија се простија од репрезентацијата.
Пандев застана на бројката од 122 настапи за репрезентацијата, додека на Ангеловски кој во 2015 година кога седна на селекторското столче му заврши договорот со ФФМ за кој одамна беше познато дека нема да му биде продолжен. Сега Горан Пандев со емотивна порака преку социјалните мрежи ми се заблагодари на селекторот за беспрекорната соработка која ја имаа од 2015 година до денеска. Ангеловски е најзаслужен што Пандев во 2015 година одлучи да се врати во репрезентацијата, а судбината сакаше заедно по успешно реализираната мисија, да си заминат од националниот тим.
„Прв пат кога се сретнавме во вашите очи видов енергија, сигурност и голема желба да ја вратиш репрезентацијата во живот. Ги памтам твоите зборови кога ми рече дека ќе направите од репрезентацијата една голема фамилија и дека вашата цел е Македонија да се пласира на европско првенство. Сите овие години не беше лесно, имаше и многу препреки, но ти гордо ја чуваше нашата фамилија.
Шефе, благодарам е малку да ти кажам, Вие го сплотивте цел македонски народ, направивте да се сакаме како браќа во репрезентација и да гинеме еден за друг. Затоа, сакам да ти кажам дека вечно ќе останеш во моето срце“, напиша Горан Пандев на својот профил на Инстаграм.
View this post on Instagram