Пакистан и понуди медицинска помош на Индија
„Како израз на солидарност со народот во Индија во актуелниот бран со Ковид-19, Пакистан понуди помош, вклучувајќи и респиратори, соопшти доцна синоќа пакистанското МНР.
Пакистан му понуди медицинска помош на својот регионален ривал, Индија, поради новиот тежок бран на епидемијата со коронавирусот што ја погоди, соопшти пакистанското Министерство за надворешни работи.
„Како израз на солидарност со народот во Индија во актуелниот бран со Ковид-19, Пакистан понуди помош, вклучувајќи и респиратори”, соопшти доцна синоќа пакистанското МНР.
Министерството побара од индиските власти да помогнат во координирање на брзата испорака на сета потребна опрема, се наведува во соопштението.
Понудата од Пакистан доаѓа во време на брз раст на бројот на новоинфицирани во Индија, што создаде огромен притисок врз болниците и резервите од кислород.
Само во последните 24 часа од Ковид-19 во Индија умреа 2.467 пациенти, што е најсмртоносен ден од почетокот на пандемијата.
И самиот Пакистан е сериозно погоден од коронавирусот. Денеска таму се регистрирани 5.611 нови случаи на заразени и 118 смртни случаи, соопшти Министерството за здравство.
Пакистан од почетокот на пандемијата имаше 795.627 случаи на инфицирани и вкупно 17.117 смртни случаи.
Пакистанските лидери, вклучувајќи го и премиерот Имран Кан, изразија солидарност со Индија, а меѓу пакистанските корисници на Твитер овој тренд е означен со хаштагот #indianeedsoxygen (Индија има потреба од кислород).
Односите меѓу двете земји, кои се расправаат со децении за Кашмир, дополнително се влошија во 2019 година кога Индија со закон го укина автономниот статус на овој спорен регион под Хималите, пренесе ДПА.