Фото: „За чисто Блатец“

Отворена е петиција против изградба на хидроцентрала на реката Блатешница

Освен со протести и блокада, граѓани отворија и онлајн петиција со која се противат на изградбата на хидроцентралата на реката Блатешница. Сметаат дека овој проект претставува сериозна закана за природната средина, водоснабдувањето, локалната заедница и идните генерации.

„Реката Блатешница е редок природен ресурс и дом на разновиден растителен и животински свет. Интервенции од ваков тип би довеле до уништување на природните живеалишта, нарушување на биолошката рамнотежа и исчезнување на локални видови“, се вели во петицијата, досега потпишана од над 1.700 граѓани.

Според петицијата, водоводниот систем на Блатец директно зависи од реката Блатешница, а изградбата на хидроцентрала би можела да ја намали количината на вода што пристигнува во водоводот. Исто така, да го промени квалитетот на водата, да предизвика ризик од пресушување на изворите во сушни периоди, како и зголемени трошоци и нестабилност во снабдувањето со вода за домаќинствата.

„Загрозувањето на водата значи загрозување на здравјето, хигиената и основните услови за живот“, стои во петицијата.

ВИДЕО | Жителите на Блатец на стража за Блатешница: Реката е живот, не дозволуваме хидроцентрала

Иницијативата нагласува дека земјоделците во Блатец зависат од стабилен воден тек за наводнување. Намалувањето или пренасочувањето на водата, посочуваат иницијаторите, ќе влијае врз приносите, квалитетот на земјоделското производство и економската стабилност на селото. Водно, го споменуваат и природниот пејзаж и културно наследство.

„Блатец има уникатен природен и културен идентитет. Хидроцентралата би го нарушила изгледот на регионот, би ја намалила туристичката привлечност и би го загрозила традиционалниот начин на живот“, нагласуваат иницијаторите.

Забележуваат и во делот на транспарентноста и јавната консултација. Локалната заедница, велат тие, има право да биде информирана и вклучена во процесите кои директно ја засегаат. Односно, одлуки од ваков обем мора да се носат транспарентно и со почитување на интересите на жителите.

„Бараме од надлежните институции веднаш да го стопираат процесот за изградба на хидроцентралата. Да спроведат независна и целосна еколошка и хидролошка студија. Да ја гарантираат заштитата на водоснабдувањето. Да ја почитуваат волјата на локалното население. Да вложат во одржливи и еколошки прифатливи алтернативи“, се вели во петицијата.

Пошироката визија, посочуваат иницијаторите, е реката Блатешница треба да остане чиста, жива и достапна за сите – денес и утре. Според нив, водата е основно човеково право, а не ресурс за приватни интереси.

„Со потпишување на оваа петиција, ја браниме природата, нашето село и иднината на нашите деца“, пишува во петицијата.

ВИДЕО | Тензии меѓу жителите на Блатец и луѓето од фирмата што сака да гради хидроцентрала

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот