ВИДЕО | Жителите на Блатец на стража за Блатешница: Реката е живот, не дозволуваме хидроцентрала
Жителите на село Блатец кај Виница во изминативе денови постојано се на нозе и ја чуваат реката Блатешница. Тие поставија рампа преку која никој не може да помине без нивна дозвола, а стражите се организирани деноноќно.
Препорачано
Вчера попладнето беа повторно на терен, испраќајќи порака дека нема да да дозволат изградба на хидроцентрала, пренесува локалниот медиум ТВ Стар.
„За нас Блатешница е живот. По ниедна цена нема да отстапиме“, порача еден од жителите на Блатец.

Локалните жители посочуваат дека реката не е само природен ресурс, туку и витален елемент за одржување на земјоделската економија на селото. Планираната хидроцентрала, според нив, сериозно ќе ги загрози културите како што се блатечки јагоди, познати низ целата Македонија по својот вкус и квалитет, како и локален ориз и компир.
„Ако се гради хидроцентрала, целата фарма ќе се изгасне и културите ќе се исушат“, предупредуваат жителите.
Според локалците, загубата на реката би имала директно влијание врз животот во селото.
„Значи доколку се изгради хидроцентралата, целото население од илјада и триста жители во Блатец, ќе останеме без вода за пиење, без вода за наводнување и без вода за живот, ќе треба да се иселиме“, реагираше жителка од Блатец.
За зачувување на реката се активираа и иницијативите „Зелена народна стража“ и „За чисто Блаце“. Бараат да бидат слушнати од институциите и да се поништи концесијата за хидроцентралата.
„Блатешница е живот и нема да дозволиме да биде ставена во цевка за лични бизнис интереси. Ќе се бориме додека не се поништи дозволата за изградба. Решително и храбро сите треба да кажеме стоп за хидроцентрали на нашите реки“, соопштија од иницијативите, објавувајќи и свое видео.
Како што пишува ТВ Стар, проблемот е актуелен веќе десетина години, а во напорите оваа хидроцентрала да не биде изградена, жителите од Блатец одржаа неколку протести, со постојани консултации како овој проект да се спречи. За синоќа беше најавена нова селска конференција, со цел да донесат одлуки за понатамошните чекори.


