Отровен воздух: Вечерва е најзагадено во двор од градинка во Струмица
Екстремно загаден е воздухот и вечерва во повеќето македонски градови, а измерените концентрации на ПМ-честички (особено ПМ2,5) се такви што се сметаат за опасни и се препорачува луѓето да не престојуваат на отворен простор подолго време.
Препорачано
Прегледот на состојбата со загадувањето на веб-страницата AQIcn.org, откри морничав детаљ – најзагадената точка во Македонија околу 22 часот била забележана на мерна станица, која се наоѓа во дворот на струмичкото основно училиште „Никола Вапцаров“ и градинката „Детска радост“. Таму AQI-индексот, кој комбинира повеќе загадувачки параметри, достигнал вредност 339, што се смета за „опасно“ дури и за потполно здравите луѓе.

Незначително помалку загаден е воздухот во Кичево, Скопје и Гостивар, каде овој индекс се движи помеѓу 200 и 300.
Во главниот град, критични точки се Карпош 2, Карпош 4 и Аеродром, каде е забележана вредност на AQI-индексот од околу 250.

Како и во изминатите денови, метеоролошките услови преку ноќ во котлините се идеални за високо загадување, со лесна магла и температури околу нулата. Оттаму, речиси и да нема македонски град во кој загадувањето е помалку од петпати повисоко од максималното безбедно ниво.


