Куќарките на влезот од Скопска чаршија - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Куќарките на влезот од Скопска чаршија - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Откако се утврди дека куќарките се нелегални, инспектори сега ги „чешлаат“ сите објекти на шеталиштето во Чаршија

На 13 април Општина Центар и Градот ги отстранија нелегалните тезги, но за помалку од десет дена на истата локација во чаршијата „никнаа“ пет идентични дрвени куќарки кои веднаш продолжија со работа и си ги отворија тезгите, кои овојпат беа инфраструктурно зајакнати и во форма на куќарки, но повторно немаа дозвола и беа нелегално поставени.

Откако инспекторите од Општина Центар и Градот Скопје пред повеќе од три недели излегоа на терен и утврдија дека дрвените куќарки поставени на шеталиштето на влезот во Старата скопска чаршија, поточно од страната на плоштадот „Филип Втори“, до денес нема никаква конкретна акција за нивно отстранување и казнување на сопствениците од страна на локалните власти. Но, како што ни соопштија од Градот, во моментов се води поголема инспекциска контрола на сите услужни објекти во овој реон.

Куќарките на влезот од Скопска чаршија - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Куќарките на влезот од Скопска чаршија – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Мн: Само што ги отстранија, „никнаа“ нови

Пред повеќе од еден месец, Општина Центар заедно со Градот Скопје во заедничка акција за продолжениот викенд по повод празникот Велигден ги отстранија нелегалните тезги кои со години го узурпираа шеталиштето на влезот во Скопската чаршија.
Акцијата беше вистински „хит“, на продолжен викенд општинските и градските работници заеднички го ослободуваат шеталиштето од нелегални објекти.

ФОТО | Отстранети дивите тезги на влезот на Скопската чаршија

Тезгите кои со години го стеснуваа и го ограничуваа влезот во Скопската чаршија беа отстранети на 13 април. Од Општина Центар тогаш потврдија дека продажните објекти со години биле поставени и работеле незаконски, а нивните сопственици немале никаков договор со Општината, што било причина за нивното отстранување во акција што ја спровеле заедно со службите на Град Скопје.

– Екипи на Општина Центар заедно со Градот Скопје заеднички, во согласност со Меморандумот за меѓуопштинска соработка, ги отстранија импровизираните објекти на влезот на Старата скопска чаршија. Тоа беа објекти што немаа никаков договор со Општина Центар и беа бесправно изградени – изјавија од Општината за „Слободен печат“ по акцијата и отстранувањето на тезгите.

Со оваа акција се покажа дека надлежните можат да делуваат и да ги отстрануваат дивите објекти низ градот, но за помалку од десет дена на истата локација во Чаршијата „никнаа“ пет идентични дрвени куќарки кои веднаш продолжија со работа и си ги отворија тезгите, кои овојпат беа инфраструктурно зајакнати и во форма на куќарки.

Бавно оди второто „ослободување“ на шеталиштето

Кога „Слободен печат“ ги забележа овие новопоставени објекти и праша во Градот и во Општина Центар дали издале дозволи за овие куќарки да бидат поставени на шеталиштето кое неодамна го „ослободија“, и двете институциите не беа запознаени дека воопшто на местото се поставени објектите, а потоа нивните инспектори излегоа на терен и утврдија дека се незаконски и дека за нив не е издадена никаква дозвола.

Искршени плочки и дупки по улицата, срамна глетка на влезот во Старата скопска чаршија

– Во врска со вашите прашања за новопоставените дрвени куќарки на влезот во Скопската чаршија од страната на плоштадот „Филип Втори“, ве известуваме дека инспекторите на Град Скопје излегоа на терен и констатираа дека на посочената локација се поставени нови тезги. Според извршениот увид, Град Скопје нема издадено дозвола за поставување урбана опрема на оваа локација – одговорија тогаш од Градот за „Слободен печат“.

Сепак, од Градот нè известија дека тука завршуваат нивните надлежности и за понатамошно постапување ќе ја известат Општина Центар, која ја посочија како надлежна институција што треба да постапи и повторно да воведе ред на влезот во Чаршијата.

Куќарките на влезот од Скопска чаршија - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Куќарките на влезот од Скопска чаршија – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Потоа ја прашавме Општината дали постапила во однос на овие дивопоставени куќарки или, пак, тие имаат дозвола од локалната самоуправа да бидат поставени на оваа локација, а оттаму ни одговорија дека ниту Општината не дозволила на „ослободениот“ влез од Чаршијата да се постават пет идентични дрвени куќарки, бидејќи тие одобренија единствено ги издава Градот, поточно Секторот за урбанизам.

Од локалната самоуправа тогаш многу храбро и сигурно изјавија дека доколку се утврди дека куќарките се поставени на „диво“ и немаат одобрение од Градот, објектите заеднички ќе бидат отстранети од општинските и градските служби.

– Доколку се утврди дека не поседуваат никаква документација, тие ќе бидат отстранети во координација со Градот Скопје – изјавија од локалната самоуправа.

Две недели никој не ги чепка дивите куќарки во Чаршија

Десетина дена откако Општината повторно покажа „заби“ и изјави дека доколку се утврди дека куќарките се поставени на диво, од локалната самоуправа накусо соопштија дека во моментот се води постапка и дека во „операцијата“ е приклучен и Државниот пазарен инспекторат.

– Се води постапка, информиран е Државниот пазарен инспекторат и Град Скопје за координирана акција за постапување во однос на дивопоставените дрвени објекти – брифираат од Општината за „Слободен печат“.

Се проверуваат документите на сите објекти во Скопската чаршија

Денес, три недели откако Општината и Градот дознаа и утврдија дека овие дрвени објекти поставени среде шеталиште се нелегални, го информираа Пазарниот инспекторат и отворија постапка, куќарките сѐ уште се на истото место, ги блокираат скалилата кон плоштадот „Скендербег“ и ја стеснуваат пешачката патека на влезот во Чаршијата.

Куќарките на влезот од Скопска чаршија - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Куќарките на влезот од Скопска чаршија – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Од Општина Центар последно добивме одговор дека ништо не е променето и дека постапката е во тек, со што можеме да утврдиме дека бавно оди второто „ослободување“ на шеталиштето во Скопската чаршија.

Од Град Скопје, пак, соопштија дека градски инспектори заедно со инспекторите на Општина Центар пред два дена повторно излегле на терен, но овојпат освен петте куќарки, тие ги „чешлале“ сите угостителски објекти лоцирани долж шеталиштето на Чаршијата и во моментов ја проверуваат нивната документација.

– Од страна на инспекциските служби на Град Скопје и Општина Центар денес повторно е извршен увид на терен, при што се проверуваат сите угостителски објекти на влезот на Старата скопска чаршија. Надлежните служби во моментот вршат проверка на целокупната документација за сите објекти, по што ќе следуваат соодветни постапки согласно законските прописи – велат од Град Скопје.

Угостителски инвертар на јавни површини - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Летни тераси во Стара чаршија- Фото Слободен печат – Методи Здравев

Откако ќе биде направен увидот, Градот треба да направи записник и ќе го достават до Општината која понатаму треба да постапи преку нејзиниот општински градежен инспектор во однос на објектите за кои ќе се утврди дека немаат дозвола и се поставени на „диво“.

– По увидот ќе биде доставена информација и записник до Општина Центар, која согласно своите надлежности треба да постапи преку општинскиот градежен инспектор, во координација со Град Скопје. Во таа насока, институциите веќе комуницираат и преземаат активности за расчистување на состојбата и решавање на проблемот со дивите објекти поставени на шеталиштето во Чаршијата – соопштија од Град Скопје за „Слободен печат“.

Чаршијата очигледно во периодов што следи ќе биде под надзор на инспекторите, но останува да видиме дали по овој обемен надзор, Градот и Општина Центар ќе постапат и ќе ги санкционираат и отстранат објектите кои не ги поседуваат потребните дозволи, а на таа листа треба да се најдат и петте дрвени куќарки за кои веќе се утврди дека незаконски ја узурпираат пешачката патека.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот