Османи се пожалил во Брисел дека организирано и плански се урива Рамковниот договор
Планот веќе ги урна неговите главни столбови, оставајќи вакуум кој создава сериозна непредвидливост и кој лесно може да биде злоупотребен од трети страни
Потпретседателот на Демократската унија за интеграција, Бујар Османи при дводневната работна посета на Брисел предупредил дека Евроопскиот пат е блокиран и дека организирано и плански се урива Рамковниот договор.
Препорачано
Тој во Брисел одржува средби со високи претставници на европските институции и на Европскиот парламент, се вели во соопштението од ДУИ.
Од партијата соопштуваат дека Османи утрово имал средба со Андреја Вихер Вајт и Адел Марсуло од кабинетот на Комесарката за проширување Марта Кос, а следуваат посебни средби во Европскиот парламент со европратениците Владимир Пребилич, Тис Ројтен и Матијаж Немец.
-Во сите разговори доминираа две прашања: сериозната загриженост за рушењето на Охридскиот мировен договор како столб на соживот и меѓуетничката стабилност.
Османи алармираше дека се реализира подготвен и организиран план за поништување на мировниот договор — план кој веќе ги урна неговите главни столбови, оставајќи вакуум кој создава сериозна непредвидливост и кој лесно може да биде злоупотребен од трети страни.
Тој исто така зборуваше за итната потреба за надминување на блокадата во процесот на европска интеграција, особено земајќи го предвид моментумот на проширувањето и напредокот постигнат од Црна Гора и Албанија – соопшти ДУИ.
Од партијата додаваат дека Османи нагласил дека внатрешната и надворешната интеграција бараат храбри одлуки внатре во земјата, но и јасна и постојана посветеност од европските партнери.


