Османи: Да се заборави првиот натпревар, одиме на нова победа

Македонскиот шампион Шкендија утре (17 ч.) го игра реванш натпреварот против естонскиот Номе Калју во рамките на првото квалификациско коло за Лигата на шампионите.
Во првиот натпревар, Шкендија теренската доминација ја круниса со голот од пенал од Агим Ибраими во 81. минута. Иако се наоѓаат пред пласман во второто коло, тренерот Ќатип Османи вели дека ништо не е готово и мора да се оди на победа во реваншот.

– Утре не очекува реваншот со естонски Номе Калју и неделава ги анализиравме грешките што ги направивме. Оптимисти сме и очекуваме утре да поминеме во второто коло. Го имаме тој резултат од 1:0 од првиот меч, но ништо не гарантира тоа. Фудбалот многупати покажал дека знае да донесе изненадување и сега овој меч мора максимално сериозно да го сфатиме. Составот ќе го знам вечерва после тренингот, ама како што стојат работите веројатно е дека 99 проценти ќе биде ист како и на првиот натпревар. Јас пред првиот меч реков дека цел е да дадеме гол и да победиме и таа цел ја остваривме и сега утре мора да атакуваме на победа. Овој резултат од првиот натпревар ни дозволува тактизирање – изјави Османи.

Капитенот на Шкендија, Арменд Алими вети дека неговите соиграчи ќе се прикажат во подобро светло од првиот натпревар.
– Нѐ очекува реваншот со Номе Калју, имаме добар резултат, но не значи дека сѐ е завршено. Знаеме дека доминиравме на првиот меч, имавме посед, добри шанси, ама ни фалеше реализација. Првите мечеви се тешки, но со тек на времето очекувам да бидеме во уште подобра форма и веќе утре да ја поправиме реализацијата. Шансите се на наша страна, ама сѐ ќе биде џабе ако не успееме да победиме или да одиграме барем реми – вели Алими.

Тренерот Османи за утрешниот дуел ќе го има на располагање и засилувањето од Вардар, Бразилецот Фелипе.

– Фелипе е во комбинација за настап. Не е добро физички подготвен, но ќе биде со екипата. Се ќе зависи од резултатот. Може и да го прескокне овој натпревар, па ќе биде во конкуренција за настап во наредната рунда – вели Османи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот