Ортопед објасни зошто повредата на Линдзи Вон е сериозна – мора да носи фиксатор
Американската скијачка легенда Линдзи Вон сè уште се наоѓа во болница во Тревизо по страшниот пад што го доживеа на спустот на Зимските олимписки игри 2026. Таа итно беше пренесена со хеликоптер од планината, а во меѓувреме е потврдено дека зад себе веќе има три операции.
Препорачано
Вон и самата објави фотографија од болничкиот кревет на својот инстаграм-профил, што предизвика загриженост кај нејзините бројни фанови. Таа откри дека се здобила со комплицирана скршеница на потколеницата, а според информациите станува збор за исклучително сериозна повреда.
Германскиот „Билд“ разговараше со д-р Улрих Боениш, еден од најценетите ортопеди во Европа, кој детално објасни колку ваквата повреда може да биде опасна.
„Ако потколеницата е скршена, секогаш постои ризик од компартмент синдром. Тоа значи дека поради силно крвавење се зголемува притисокот во ткивото, што може да ги оштети крвните садови, нервите и мускулите“, изјави Боениш.
Токму поради тоа Вон моментално носи метален надворешен фиксатор, конструкција што ја стабилизира скршената коска.
View this post on Instagram
„Прво мора да се намали притисокот во меките ткива, а потоа се поставува надворешен фиксатор за коските да се доведат во правилна положба. Со тоа се стабилизира фрактурата и се овозможува понатамошно лекување“, додаде лекарот.
Само десетина дена пред Олимписките игри, Вон веќе имаше сериозна повреда и ги скина предните вкрстени лигаменти на левото колено. И покрај тоа, настапи во Кортина. Но, како што истакнува Боениш, во вакви итни ситуации лигаментите се секундарен проблем.
„Најпрво мора ногата да се врати во правилна положба и да се обезбедат крвните садови и меките ткива. Дури потоа се размислува за дополнителни оштетувања“, појасни тој.
По првичната интервенција во Кортина, Вон е префрлена во болницата во Тревизо, оддалечена речиси сто километри, каде што за неа се грижи тим од трауматолози, неврохирурзи и васкуларни хирурзи. Според Боениш, таа е во сигурни раце.
„Во Европа постојат врвни центри за вакви повреди, а колегите во Тревизо сигурно знаат што прават“, порача тој.
Колку ќе трае закрепнувањето и какви последици ќе остави овој тежок пад, засега е рано да се прогнозира, меѓутоа многу е веројатно дека нејзината кариера е завршена.
Линдзи Вон во емотивно обраќање објасни како дошло до падот во Кортина
Иако падна, Линдзи Вон ќе добие дел од колачот од 100 милиони долари


