Виктор Орбан / Фото: EPA-EFE/NEIL HALL

Орбан се откажа од блокадата на ЕУ-помошта за Украина

Европската Унија даде зелено светло за пакетот помош за Украина тежок 90 милијарди евра, соопшти кипарското претседателство со Унијата. Покренат е и нов пакет санкции против Русија.

Унгарија се откажа од својата повеќемесечна блокада на планираниот пакет за поддршка на ЕУ за Украина тежок милијарди евра. Владата на премиерот на заминување Виктор Орбан во Брисел се согласи со одлука што треба да овозможи заем до 90 милијарди евра, изјавија повеќе дипломати за германската агенција ДПА. Новите средства ѝ се потребни на Украина за продолжување на одбранбената борба против Русија, како и за други државни потреби и задачи.

Нов пакет санкции на ЕУ против Русија

Дополнително, постојаните претставници на земјите членки на ЕУ во Брисел успеаја да покренат нов пакет санкции против Русија. Тој има за цел дополнително да ги намали приходите на Русија од продажбата на гас и нафта.

Исто така, се предвидува уште финансиски институции да бидат исклучени од меѓународниот платен систем и да се воведат дополнителни трговски ограничувања. Пакетот беше блокиран и од Унгарија и од Словачка.

Гасоводот „Дружба“ игра клучна улога

Формалните одлуки сега треба да се донесат преку писмена постапка, која треба да заврши до утре напладне (24.04). Тоа би можело да единствено да пропадне ако дотогаш не пристигнат планираните испораки на руска нафта во Унгарија и Словачка.

За да ги натера Орбан и словачкиот премиер Роберт Фицо да се откажат од ветото, Украина во вторникот (21.04) овозможи повторно ставање во функција на гасоводот „Дружба“. Преку него руска нафта преку украинска територија се испорачува во Унгарија и Словачка.

Орбан ја обвини Украина дека од политички причини ги блокира испораките на руска нафта преку гасоводот и својата согласност за нова помош од ЕУ ја услови со повторното пуштање во работа на нафтоводот. Владата во Киев ги отфрли обвинувањата и нагласи дека гасоводот морал да биде поправен по руските воздушни напади во јануари.

Унгарската блокада во последните недели предизвика огорченост и критики – особено затоа што Орбан веќе се согласил со концептот за заем на самитот на ЕУ во декември.

Десниот популист сепак успеа со своите уцени и ја принуди Украина повторно да го воспостави функционирањето на нафтоводот. За многу луѓе таму тоа е горчливо, бидејќи Русија преку извозот на нафта ја финансира и својата војна против Украина.

Сепак, надеж дава поразот на Орбан на парламентарните избори пред околу една и пол недела. Во Украина и во многу други земји на ЕУ постои надеж дека идниот премиер Петер Маѓар ќе води поинаква политика и ќе блокира помалку во Брисел. Орбан, на пример, го блокираше и процесот за пристапување на Украина во ЕУ.

Кредитот на ЕУ треба да ѝ овозможи на Украина продолжување на одбранбената борба

Од новата финансиска помош за Украина од 90 милијарди евра, 60 милијарди се наменети за трошоци поврзани со одбраната. Половина од средствата треба да бидат исплатени уште оваа година, а дополнителни 45 милијарди би можеле да следат следната година.

Финансискиот концепт предвидува средствата за заемот да се обезбедат под поволни услови на пазарот на капитал. Украина ќе треба да ги врати парите само ако Русија по завршувањето на војната исплати отштета за направените штети. Покрај тоа, се предвидува за отплата да се искористат замрзнатите руски средства во ЕУ доколку Москва не плати обесштетување.

Пакетот санкции против Русија што сега е покренат всушност требаше да стапи во сила уште во февруари, на четвртата годишнина од руската инвазија. Во енергетскиот сектор се предвидува забрана за компаниите од ЕУ да учествуваат во поправка на руски рафинерии оштетени од украински напади.

Исто така, се забрануваат трансакции со пристанишни терминали во Русија и во трети земји, како и услуги за ЛНГ-терминали и одржување на руски ЛНГ-танкери и мразокршачи. Се укинува и досегашното изземање за гасни кондензати во рамки на забраната за увоз на руска сурова нафта.

Покрај тоа, ќе бидат санкционирани руски и странски компании што го поддржуваат рускиот воено-индустриски комплекс, вклучително и фирми од трети земји. Со цел да се намалат приходите на Русија, се предвидуваат и забрани за увоз на дополнителни метали, хемикалии и критични суровини. Според ЕУ, тоа би можело да ги намали приходите на земјата за околу 570 милиони евра годишно.

Сепак, не беше постигнат конечен договор за целосна забрана на сите поморски услуги поврзани со транспортот на руска сурова нафта. Причината беше пред сè загриженоста на земји како Грција, кои стравуваат за конкурентноста на своите бродски компании.

Досега, поморските услуги се забранети само за бродови и компании што не се придржуваат до западниот ценовен плафон за нафтата. Во тие услуги спаѓаат, на пример, осигурување, чартер-превоз и технички услуги како одржување и поправка.

Извор: DW 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот