Орбан и Унгарија во ново економско фијаско

Виктор Орбан
Виктор Орбан/ Фото EPA-EFE/ARIS OIKONOMOU / POOL

Откако го доживеа фијаското со ценовните ограничувања на нафтените деривати, што предизвика недостиг на пазарот, унгарскиот премиер Виктор Орбан продолжува со радикалните потези на фискалната политика, за кои многу се труди да изгледаат како правична распределба на товарот на кризата, иако тие во основа се паника и популизам: Унгарија воведува данок на дополнителниот профит на фармацевтските компании.

Со ова се прошири списокот на специјални даноци кои мора да ги плаќаат најголемите компании во Унгарија, пишува „Јутарњи лист“. Иако во основа не се работи за оданочување на дополнителна добивка, па дури и за оданочување на добивката, унгарската политичка елита инсистира на реториката според која се земаат оние кои нешто лесно заработиле поради сплет на околности.

Така, фармацевтите во Унгарија во иднина ќе плаќаат 8 отсто на нето-продажбата над 150 милијарди форинти (398 милиони долари). Благодарение на указот на Виктор Орбан, кој го потпиша на крајот на минатата недела, само „Гедеон Рихтер“ ќе плати 108 милијарди форинти во нов специјален данок во 2023 година.

Владата на Орбан, меѓу другото, се соочува и со криза на јавните финансии бидејќи ЕУ запре значителен дел од финансирањето на Унгарија поради недостигот на реформи. Компаниите со помали приходи ќе плаќаат посебен данок на „дополнителен профит“ со пониски стапки: оние со приходи до 50 милијарди форинти ќе имаат стапка од 1 процент, а оние меѓу 50 и 150 милијарди стапка од 3 проценти.

Во моментов има конфузија во јавните политики на Унгарија, при што владата на Орбан првенствено инсистира на демонстрација на автократска моќ. Откако „Мол“ на почетокот на месецот ги предупреди дека повеќе не можат да обезбедат снабдување на пазарот бидејќи мерките за ограничување на цената на горивото се целосно неуспешни, предизвикувајќи прво прекумерна потрошувачка, потоа акумулација на залихи и на крајот паника, унгарската влада ги укина ценовните ограничувања, но во исто време најави данок на „дополнителните профити“ на „Мол“.

МОЛ/ Фото Attila KISBENEDEK / AFP / Profimedia

Според одлуката на Виктор Орбан, „Мол“ и другите нафтени компании мора да платат посебен данок од 95 отсто за целата руска нафта. Даночната стапка од 95 проценти не е грешка, ја пренесуваат сите релевантни извори, иако донекаде е нејасна основата по која се наплаќа вака драконски данок, пишува хрватскиот медиум.

Оваа даночна стапка е толку висока што се поставува прашањето дали една компанија постои за да заработува и остварува профит, што е традиционална улога на компаниите со векови или дали компаниите треба првенствено да им служат на интересите на државата и овие интереси се, во случајот со Унгарија, „крпење на буџетските дупки“.

Во основа, оценката на унгарската влада е дека деловните, а особено финансиските позиции се доволно силни за да плаќаат посебен данок на дополнителна добивка, а „Мол“ е компанија која и онака ја остварува својата добивка благодарение на позициите што ги обезбедува со поддршка на унгарските власти.

Компаниите ќе треба да плаќаат специјални даноци за „дополнителен профит“ во Унгарија и за 2022 и за 2023 година, но владата предвидува голем дефицит од 6,1 отсто од БДП дури и со овие вонредни приходи. Во исто време, во Унгарија економистите очекуваат дополнително забрзување на инфлацијата до дури 27 отсто, а во ноември веќе имаа највисока стапка на раст на цените во ЕУ од 23,1 отсто, што укажува дека во енергетската криза, оваа политика со ограничувањето на цените беше целосен неуспех.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот