Општините од крајниот Исток со нови стратегии за подобрување на демографската слика кај населението

Father and mother kissing daughter

Средствата за поддршка на семејствата со новородено дете претходната година изнесуваа 3.000 денари, додека оваа 2020 година таа сума е 5.000 денари за секое новороденче.

Парични средства за секое новороденче, субвенционирање на идните првачиња и средношколци и поддршка за самохраните родители. Ова е само дел од стратегијата на општините од крајниот Исток за подобрување на демографската слика на населението. Една од тие општини е и Општина Берово која годинава ги зголеми средствата за поддршка на секое новороденче, а ќе ги помага и родителите, чии деца годинава ќе тргнат за прв пат на училиште.

-Средствата за поддршка на семејствата со новородено дете претходната година изнесуваа 3.000 денари, додека оваа 2020 година таа сума е 5.000 денари за секое новороденче. Истовремено годинава Општината обезбеди парична поддршка за сите првачиња и ученици во прва година гимназија кои ќе учат во некоја од воспитно-образовните установи во Берово, истакнаа од Општина Берово.

Слична е ситуацијата и во општина Македонска Каменица. Поради стабилната финансиска состојба во оваа Општина за подобрување на демографската слика годинава ја зголеми финансиската поддршка за секое новороденче за околу 70 проценти.

-Ја зголемивме финансиската поддршка од 12.000 на 20 илјади денари додека од 6.000 на 10 илјади денари е зголемена помошта и за останатите новороденчиња. Како дел од таа поддршка во тек е изготвување на правилник кој е единствен во државата за помош на самохрани родители и еднородителски семејства и семејства кои во семејството имаат лица со посебни потреби, информираа од Општина М.Каменица.

Од таму додадоа дека општината финансиски го поддржува и превозот на децата од руралните средини до детската градинка. Целта на ваквиот чекор според нив е жените од руралните средини да бидат конкурентни на пазарот на труд.

Од Општините очекуваат оваа стратегија да влијае на подобрувањето на демографската слика која стагнира во последните десетина години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот