Општина Маврово Ростуше без согласност од државата дозволила да никне „Радика ресорт“

дивоградби маврово леуново
Дивоградби во Маврово/ Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Во национален парк не смеат да се изведуваат никакви инвестициски активности без да побара согласност од Управата на Националниот парк „Маврово“, предвидува Законот за заштита на природата.

Како е можно во последниве години да нема ниту едно барање за согласност за ДУП или друг плански документ од Општина Маврово Ростуше? Ова значи дека Општината си ги носела без согласност на државен орган надлежен за спроведување на Законот за природа.

Ова за „Слободен печат“ го изјави Васил Анастасовски, кој до 2010 година раководел со Секторот за природа при Министерство за животна средина, а сега работи како експерт во областа на заштитата на природата и природните реткости во врска со изградбата на т.н. „Радика ресорт“, поточно на 87-те вили во селото Леуново.

Националниот парк преплавен со 87 нелегални објекти: Вили никнуваат во Маврово според ДУП од 2015 година?

Според Законот за заштита на природата, во национален парк не смеат да се изведуваат никакви инвестициони активности без да побара согласност од Управата на Националниот парк „Маврово“. Во разговор за „Слободен печат“ директорот на Националниот парк Самир Ајдини претходно тврдеше дека работата со одобрението за изградбата на 87-те вили во Леуново била „средена“ пред тој да дојде на функција и дека до него не дошло ниту едно барање за одобрение за градба во Леуново.

Анастасовски вели дека уште пред 15 години била стокмена изградба на населба со луксузни објекти во Маврово, но Управа за животна средина тогаш не дала одобрение и планот пропаднал.

– Можам да потврдам дека до 2010 година, сите плански документи од општините, сите ДУП-ови доаѓаа на мислење во тоа одделение и не можеше ниту еден да се донесе без мислење – додава тој.

Општина Маврово Ростуше не може да издава дозволи за градба на ниту еден објект на територијата на Националниот парк „Маврово“ без тој прво да добие зелено светло од оваа институција, тврди Анастасовски.

Сепак, последниве години на брегот на Мавровското Езеро, како и во остатокот на Националниот парк Маврово се случува експанзија на урбанизација на штета на природните вредности.

„Слободен печат“ побара од Министерството за животна средина и од Општината колку ДУП-ови добиле на разгледување, но не доби одговори. Општината ја прашавме и дали е точно дека за 22 од спорните вили сопственикот платил комуналии пред самите локални избори и дали локалната самоуправа планира да му дозволи на инвеститорот да ги изгради сите 87 вили, иако за девет веќе изградени донела решение за уривање.

Косовски инвеститор на диво градел бунгалови во Леуново, доби кривична пријава

ИРЛ: Во скандалот се вмешани и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и ДУИ

Првите одобренија за градба се дадени уште во 2017 година неколку денови пред претходните локалните избори, од тогашниот градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, со смената на власта во Маврово, одобрени се уште повеќе маркички за градба, а актуелниот градоначалник од СДСМ, сега и повереник на Владата за Маврово-Ростуше, Медат Куртовски, непосредно пред изборите наплатил комуналии за уште 22 објекта од предвидените 87, сето тоа во времето кога инспекторите носеа решение за уривање на 9 објекти. Зделката за градење, пак, на вилите ја добила фирма на функционер на ДУИ од Гостивар.

Ова е дел од најновото новинарско истражување на мрежата ИРЛ околу вилите на „Радика ресорт“. Колегите открија како сопственоста се селела од сомнителни албански бизнисмени во рацете на косовскиот богат претприемач Шериф Рамука, сопственик на „Алба груп“, потпомогнат од локалните власти.

Во Маврово ескалира проблемот со дивите градби: Протестирал за скината цевка, багерoт му ја прегазил ногата!

Во Општина Маврово-Ростуше по изборите нема кој да урива дивоградби

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот