Во Општина Маврово-Ростуше по изборите нема кој да урива дивоградби

дивоградби маврово леуново
Дивоградби во Маврово/ Фото: Слободен печат - Драган Митрески
Маврово-Ростуше по локалните избори е со нефункционална локална самоуправа. Вработените во општината деновиве се недостапни за телефонски повици или не се на работа за да одговорат на прашања од доменот на своето работење откако локалните избори не донесоа избор на нов општински Совет и градоначалник.

„Слободен печат“ уште пред неколку дена ја праша Општината дали ќе се уриваат спорните девет објекти-вили во склоп на ресортот „Радика“ во селото Леуново за кои општината донесе решение за уривање уште на почетокот на минатиот месец, но не добивме никаков одговор. Побаравме и да ни биде одговорено дали Општината знае за огромната дива депонија со градежен шут во близина на детското одморалиште Бунец и што ќе биде превземено.

Досегашниот градоначалник на Маврово-Ростуше, Медат Куртовски нѐ упати на општинските служби бидејќи, како што самиот кажа, тој самиот не знае дали сѐ уште е градоначалник откако локалните избори во оваа општина, како и во соседната Центар Жупа, завршија без да биде избран градоначалник и општински Совет. Секретарот на Општината, Осман Сејдиу ни потврди дека само тој е на работа деновиве и дека одговорите на нашите прашања ќе ги добиеме од надлежниот комунален инспектор Ќирко Џукоски, меѓутоа на неговиот службен број се вклучуваше телефонска секретарка.

Од Владата информираат дека тече рокот од 15 дена за избор на повереник за општините Маврово Ростуше и Центар Жупа откако на 3 ноември добиле официјален допис од Државната изборна комисија дека, согласно објавените конечни резултати за првиот изборен круг од локалните избори во овие две општини, не е исполнет цензусот предвиден во одредбите со Изборниот законик. Тоа значи дека до 18 ноември Владата треба да именува повереник за вршење на работите од надлежност на градоначалникот, бидејќи мандатите на досегашните градоначалници се завршени. За распишување на нови избори, според истиот член, Владата во рок од 15 дена по изборот на повереник, го известува Собранието на Северна Македонија.

Основното јавно обвинителство – Гостивар постапува по случајот дивоградби во Леуново. По поднесена кривична пријава, обвинителството оформило предмет против две лица за кривично дело – Бесправно градење од член 244-а од Кривичниот законик. Јавен обвинител издал наредби за прибирање на потребната документација со цел да се утврди фактичката состојба. Во предметот се постапува во предистражна постапка, а по приемот и анализата на документацијата ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошното постапување, информираат од Јавното обвинителство.

Неофицијално, се работи за косовски државјани сопственици на фирмата „Радика Ресорт“, кои на некогашно државно земјиште, стекнато по основ на продажба од страна на општината и заокружување на парцелата, градат 87 луксузни вили кои се дивоградби.

Националниот парк преплавен со 87 нелегални објекти: Вили никнуваат во Маврово според ДУП од 2015 година?

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот