Националниот парк преплавен со 87 нелегални објекти: Вили никнуваат во Маврово според ДУП од 2015 година?

Дури 87 станбени објекти никнуваат во Леуново во рамките на Националниот парк „Маврово“ / Фото: Radika Village / Скриншот

Викендичките кои се градат на парцелата покрај хотелот „Радика“, во селото Леуново покрај Мавровското Езеро се нелегални, изјави за „Слободен Печат“ градоначалникот на Општина Маврово Ростуше, Медат Куртовски.

Дури 87 станбени објекти никнуваат во Леуново во рамките на Националниот парк „Маврово“, објави порталот Мкд.мк. Сопственикот на хотелот „Радика“ поднел барање за одобрение за градба, но сѐ уште го нема добиено, вели Куртовски, поради реакциите на јавноста за нивната изградба. Откако било поднесено барањето, според Куртовски, почнало да се гради без да се чека одобрение за градба.

На прашањето на „Слободен печат“ што презела Општината и тој како градоначалник против изградбата на дури 87 нелегални објекти крај Мавровското Езеро, Куртовски изјави дека општинскиот инспектор минатата недела бил на терен и направил записник за состојбата на терен.

– Овие куќи нема да можат да се легализираат додека не биде изградена пречистителната станица за отпадните води – ни изјави Куртовски.

Градоначалникот на Општина Маврово Ростуше сепак не одговори на прашањето дали Општината автоматски ќе им го издаде одобрението за градба на овие нелегални објекти откако ќе биде изградена пречистителната станица.

– Во август минатата година до нас беше доставено барање за дозвола за расчистување на вегетација на парцелата на која сега се градат вилите. Со оглед на тоа дека се работи за приватен имот, на кој имаше грмушки и неколку плодни дрва, главно цреши и јаболкници, ние тоа одобрение го дадовме – вели Самир Ајдини, директор на Националниот парк „Маврово“.

Тој додава дека Национален парк „Маврово“ ниту бил прашан за мислење ниту дал одобрение за градба.

– Не можеме да преземеме ништо, бидејќи издавањето дозволи за градба е во ингеренција на Општината – вели Ајдини.

Директорот на НП „Маврово“ не ја исклучува можноста дека и тие биле прашани за мислење за овој комплекс на вили, како и за многу други станбени објекти кои последниве години никнуваат среде националниот парк, но тоа можело да се случи во периодот до 2015 година, кога биле работени деталните урбанистички планови. Тој за тоа нема таква информација.

– Наша улога во сето ова е ние да го контролираме влијанието врз животната средина. Всушност, треба да ја следиме изградбата на пречистителни станици и доколку тоа не се реализира, да реагираме до надлежните државни институции, на пример до Државниот Инспекторат за животна средина – појаснува директорот на НП „Маврово“.

„Слободен печат“ побара објаснување и од одговорни лица на хотелот „Радика“. Иако ни беше кажано дека ќе нѐ исконтактираат, до објавувањето на овој напис тоа не се случи.

Дивоградбата кај Трница урната на барање на општински инспектор

Во случајот со Трница, каде била почната градба на станбен објект без дозвола, но за кој, за разлика од случајот со 87-те нелегални вили во Леуново реагирале надлежните државни институции, НП „Маврово“ добило наредба од Инспекторатот за шумарство парцелата да се врати во првобитна состојба.

– Беше почната градба на нелегален објект, ни беше речено да ја вратиме во првобитна состојба и ние така и постапивме, беше запрена дивоградбата. Случајот беше пријавен од градежен инспектор на Општина Маврово Ростуше – ни рече Ајдини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот