Во Маврово ескалира проблемот со дивите градби: Протестирал за скината цевка, багерoт му ја прегазил ногата!

Застанав пред багерот за да ги спречам да продолжат пред да се санира штетата, но сопственикот му нареди на багеристот да ме прегази - вели Владимир Лазаревски

Неконтролирано и бесправно градење на брегот на Мавровското Езеро сè почесто се причина за закани, па дури и инциденти меѓу револтираното локално население и градежните фирми. Минатата недела едно лице во селото Леуново било повредено откако на него тргнал багер со кој бил расчистуван терен за градба на куќа. Инцидентот се случил откако жител на селото протестирал зашто багерот скинал цевка од селскиот водовод и се обидел да го спречи да продолжи со работа.

– Застанав пред багерот за да ги спречам да продолжат пред да се санира штетата, но сопственикот му нареди на багеристот да ме прегази – вели Владимир Лазаревски, инаку претседател на месната заедница во селото Леуново, кому во инцидентот му е скршена ногата и има повреда на главата.

Според локалните жители со кои разговаравме телефонски, сопственикот на објектот продолжил со градежните активности иако за тоа немал соодветна дозвола од Општина Маврово-Ростуше, во која спаѓа и Леуново.

Раководителот на градежната инспекција на општината Ќирко Џуковски со денови не одговара на нашите телефонски повици. По изборите, кои во општина Маврово-Ростуше беа неуспешни поради малиот одзив, во општинската администрација речиси никој не се појавува на работа, ни потврдија дел од вработените.

Според Лазаревски, ниту полицијата ниту локалната самоуправа не преземаат мерки за да го заштитат месното население, кое веќе подолго време има проблеми со водоснабдувањето токму поради прекумерната и непланска урбанизација на селото. Проблем со водоснабдувањето предизвикува и нелегалната изградба на дури 87 објекти, луксузни вили во склоп на хотелскиот комплекс „Радика ресорт“, на брегот на Мавровското Езеро, кои по завршувањето ќе се приклучат на селскиот водовод, иако и претходно имало недостиг на вода за селските куќи и за викендичките во Леуново.

Во меѓувреме, „Слободен печат“ дознава дека непречено продолжува и изградбата на спорните девет вили на „Радика ресорт“, за кои Општина Маврово-Ростуша веќе има издадено решение за уривање, додека, пак, Основното јавно обвинителство во Гостивар има поднесено обвинение против две лица, косовски државјани, за кривичното дело бесправно градење, за истиот случај.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот