Фото: Општина Кисела Вода

Кисела Вода ги демантира тврдењата на „Стоп за Усје“ дека лаже за мерната станица во дворот на цементарницата

Општина Кисела Вода ги демантира обвинувањата на Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ во врска со мерната станица во „Усје“ и со прикажувањето податоци во реално време.

Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ денеска ја обвини Општина Кисела Вода дека ја доведува јавноста во заблуда околу функционалноста на мерната станица во кругот на цементарницата „Усје“, тврдејќи дека уредот поддржува онлајн пренос и дека може во реално време да прикажува PM10, PM2.5, SO₂ и NOx, но дека податоците не се јавно достапни во континуитет, туку се објавуваат селективно преку извештаи.

Демантот на Општина Кисела Вода го пренесуваме во целост:

Општина Кисела Вода со изненадување ги прими обвинувањата изнесени на денешната прес-конференција на здружението „Стоп за Усје” и сака најостро да ги демантира сите изречени клевети. Како институција која отсекогаш негува отворен однос со граѓанскиот сектор, сметаме дека е крајно некоректно да се користи јавниот простор за пласирање дезинформации. Ова е особено недолично ако се земе предвид дека градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска оствари средба со претставници на ова здружение веднаш по нивното барање, а истото здружение има и континуирана комуникација со сите општински служби.
Сакаме јасно да им порачаме на граѓаните дека грижата за нивното здравје е наш највисок приоритет. Токму затоа, мерната станица поставена во кругот на цементарницата „Усје” работи исклучиво во интерес на јавноста, а сите измерени вредности се јавно достапни.

Техничките карактеристики на станицата во овој момент не дозволуваат директна интеграција во надворешни апликации на начинот на кој се бара, но токму затоа Општината врши секојдневни ажурирања на официјалната веб-страница, каде што граѓаните можат точно и навремено да се информираат за квалитетот на воздухот. Оваа состојба им беше детално и транспарентно објаснета на претставниците на здружението на самата средба.

Наместо да се цени искрениот и партнерски пристап на Општината, здружението одбра пат на неоснована конфронтација и лични напади. Се прашуваме, која е целта на свесното ширење недоверба кон институцијата и кој има корист од штетата што се нанесува преку пласирање невистини, кога сите податоци се транспарентни и проверливи?

Уште еднаш, отворено ги повикуваме претставниците на здружението „Стоп за Усје”, во кое било време, заедно со нивен стручен тим да појдат на лице место и директно да се уверат во точноста на податоците. Општина Кисела Вода нема да дозволи ничии задни намери да го нарушат угледот на институцијата која работи одговорно и посветено за своите жители. Нашите врати остануваат отворени за сите кои сакаат со факти, а не со клевети, да работат за заедничкото добро.

„Стоп за Усје“: Бараме независни мерни станици што ќе овозможат 24-часовен мониторинг на воздухот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот