Фото: EPA-EFE/ROMAN PILIPEY

Опасен вирус ја зафати Кина – болниците пренатрупани, лековите распродадени

Болниците ширум Кина се соочуваат со голем пораст на бројот заболени од грип, кој последните недели забрзано ја зафаќа земјата, пренесе „Mirror“.

Извештаите говорат за растечки број случаи на грипот H3N2, кој погодил голем број болници ширум земјата – од градови како Пекинг и Тјенџин до провинциите Хебеи, Хенан, Гуангдонг, Фуџијан, Шандонг, Шанси и други.

Стравувањата од епидемија се зголемија по објавата на Пенг Жибин, истражувач во Центарот за контрола и превенција на болести при Комунистичката партија на Кина, кој соопшти дека стапката на заразување со грип во земјата влегла во фаза на брз раст кон крајот на ноември.

Објави на кинеските социјални мрежи прикажуваат сцени со деца кои чекаат преглед по ходниците на болниците, додека чекаониците се преполни со пациенти.

Еден корисник напиша:

„На 23 ноември, околу 20 часот, отидов во Детската болница во Пекинг и не се вратив дома до 1 часот по полноќ. Грипот последниве денови е навистина застрашувачки, има секакви случаи“.

Податоците од платформата „Alibaba Health“ покажуваат дека бројот на купувања на антивирусни лекови пораснал за 500 проценти од 10 до 21 ноември, што предизвика загриженост од можна поголема епидемија.

Застрашувачките снимки од пренатрупани болници ги следат извештаите дека 17 кинески провинции бележат високи стапки на грип, што го потврдија Централната кинеска телевизија и Кинескиот центар за контрола и превенција на болести (China CDC).

Пекиншкиот CDC соопшти дека градот го доживува врвот на активноста на грипот, но дека растот на инфекциите се успорува, пренесе Пекиншкиот дневник.

Доктор Жанг Датао, директор на Институтот за контрола на заразни и ендемски болести при пекиншкиот Центар за контрола на болести, потврди дека главниот причинител на порастот на инфекциите е вирусот на грип А (H3N2).

Тој истакна и дека не се забележани други респираторни заразни болести кои би придонеле за сезонската епидемија.

Епидемијата најмногу ги погоди децата

Според извештаите, епидемијата најмногу ги погодила децата од 5 до 14 години, а поголемиот дел од случаите се регистрирани во училиштата и градинките. Официјални извори соопштија дека едно дете починало по заразување со вирусот на грип А.

Грипот А е респираторен вирус што се пренесува по воздух и предизвикува висока температура, кашлица, губење апетит и општа слабост.

Во потешки случаи може да доведе до воспаление на белите дробови и да биде фатален за лица со висок ризик или оние со ослабен имунитет. Доктор Жанг нагласи дека вирусот е склoн кон мутации кои предизвикуваат сезонски епидемии, но дека тие не укажуваат на прогресивно зајакнување на вирусот.

Нови мерки

За да го спречи растот на епидемијата, Кинеската национална здравствена комисија им наложи на локалните власти да го прошират обемот на здравствени услуги.

Новите мерки вклучуваат зголемување на бројот на термини за амбулантски прегледи и продолжување на работното време на здравствените установи.

Локалните власти воспоставија клиники со продолжено работно време и воведоа вечерни и викенд смени за да ги задоволат потребите на граѓаните.

И покрај растот на бројот на заразени ширум земјата, Кинескиот центар за контрола на болести и Комунистичката партија на Кина соопштија дека засега не се откриени значајни мутации на вирусот H3N2.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот