Онлајн наставата и натаму сериозен предизвик за наставниците и родителите

22 септември 2020, Скопје / Фото: Драган Митрески - Слободен печат

Далечинското учење продолжува да се одвива со проблеми како за наставниците, така и за учениците, кои и натаму чекаат националната платформа конечно да проработи онака како што треба.

Со голема потешкотии во наставата на далечина се соочуваат и самите родители, кои покрај технички средства и стабилен интернет, мораат да им помогнат да своите деца и при приклучувањето во онлајн часовите.

-Новата година почна, а проблемите се стари. Интернет конекцијата дома ни паѓа, немаме стабилен интернет, па буквално мачиме мака со онлајн учењето – вели Ристе Петров, татко на шестооделенец во основното училиште „Љубен Лапе“ во Аеродром.

Токму поради очекуваните технички проблеми од претходно од Министерството за образование и наука информираа дека на Македонската радио телевизија ќе бидат емитувани кратки 15-минутни часови, со цел и тие ученици кои немаат средства за следење на настава на далечина, да можат часовите да ги гледаат на телевизија.

Царовска го објави ТВ распоредот на часови од прво до деветто одделение

-Пробавме да следиме настава и преку телевизија, но тоа е прекратно и многу површно. Едноставно неможе преку 15-минутен час да се совлада цел материјал. Идејата е добра, но не е реализирана целосно – додава Петров, кој смета дека часовите на телевизија не се идеален начин за следење на наставниот процес.

Од МОН инсистираат дека онлајн наставата се одвива без проблеми

Министерството за образование и наука од претходно информираше за зголемениот број на ученици кои поради тоа што се во изолација наставата наместо со физичко присуство ја продолжуваат онлајн, а тврдат и дека таа се одвива без посебни потешкотии.

И министерката Мила Царовска при вчерашната посета на училиште во Кочани истакна дека онлајн наставата функционира успешно, не само во конкретното средно училиште, туку и на ниво на цела држава.

-Она што би сакала да го потенцирам е дека онлајн наставата успешно функционира и на ниво на држава, односно 88% од учениците без потешкотии ја следат наставата од своите домови. Тоа покажува дека имаме континуитет во образовниот процес во државата – рече Царовска.

Сѐ повеќе ученици и наставници во изолација, дали наставата целосно ќе премине онлајн?

Министерката повторно нагласи дека за сите кои немаат ИТ уреди, обезбедена е опција за следење на наставата преку 15-минутни часови кои се емитуваат на националната радио-телевизија, но и преку доставување на печатени материјали од страна на наставниците кои имаат обврска да ги контактираат и да го следат совладувањето на материјалот.

За наставниците и учениците коишто се вклучени во наставата со физичко присуство, Царовска  апелираше да ги почитуваат мерките за заштита и во училиштата и надвор од нив, бидејќи на тој начин го спречуваат ширењето на заразата и го штитат јавното здравје.

Наставниците бунтуваат на социјалните мрежи

Покрај проблемите со онлајн наставата со кои секојдневно покрај учениците се соочуваат и наставниците, сега тие на социјалните мрежи бурно реагираа и на најавата од министерката Царовска за тоа онлајн часовите наместо од училница, да ги одржуваат од дома.

– Разговараме со градоначалниците за рационализација на средства, да не се расфрламе со пари за загревање цела училница за еден наставник и тие пари да може да се искористат во набавка на ИТ-уреди. Кога ќе ја донесеме одлуката, ќе ја информираме јавноста – изјави Царовска.

По ова, повеќе наставници во коментари на социјалните мрежи реагираа, истакнувајќи дека сега тие ќе треба да ги загреваат домашните простории, за кои инаку не би користеле греење доколку се на работа.

„Училиштата ќе заштедат, а ние ќе загреваме соби за онлајн настава од дома, нема смисла“, „Нашиот дом не е канцеларија“, „Пандемија е, но ова не е работа што непречено можеме да ја вршиме од дома“, гласат само некои од коментарите по најавата на Царовска.

Дезинфекција на образовните објекти / Септември 2020, Скопје / Фото: Драган Митрески – Слободен печат.

Дел до наставниците реагираат и за техничкиот дел, односно се жалат дека сите немаат компјутери и стабилен интернет.

„Нека ни обезбедат барем службени компјутери, домашниот неможе да поддржи толкава оптеретеност на мрежата, едноставно не оди тоа така“,  се жали друг револтиран наставник на социјалните мрежи.

Сепак конечна одлука за тоа дали наставниците ќе предаваат од дома и натаму нема, а како што најави и Царовска, кога ќе се знае точно, јавноста ќе биде благовремено информирана.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот