Околу 70.000 денари за преживување – инфлацијата тивко ги празни семејните буџети
Според потрошувачката кошничка, најголем дел од парите од семејниот буџет одат за храна и безалкохолни пијалаци, следно е домувањето, па транспортот.
Државниот завод за статистика веќе ги објави трошоците за живот за минатиот месец март. Инфлацијата повторно го потврди трендот на постепен, но континуиран раст на трошоците за живот. Според официјалните податоци, индексот на трошоците на живот во однос на февруари е зголемен за 0,7%, додека на годишно ниво растот достигнува 4,9%. Иако овие бројки на прв поглед не изгледаат драматично, нивното реално влијание врз секојдневниот живот на граѓаните е далеку поголемо. Експертите велат дека за живот на едно семејство без луксуз потребни се скоро две просечни плати. Објаснуваат дека тоа и не е така страшно ако двајцата сопружници ја земаат. Пострашно е кај семејствата кои земаат минимални плати кои се под 26.000 денари месечно, кај пензионерите и кај конфекциските работници.
Препорачано
Пензионерите најзагрозени
Добро е ако во едно семејство има двајца кои земаат просечна плата. Реален проблем имаат пензионерите и конфекциските работници, но и тие кои работат по фабрики во приватниот сектор, вели економистот Џевдет Хајредини.
– Ние сме сиромашна држава и прашање е во која состојба ни се најсиромашните граѓани. Стотина илјади пензионери се во оваа состојба. Кај нив треба многу поголем приход за да се достигне минималната потрошувачка кошничка. Платите пак се посебна приказна. Тие не се зголемуваат во однос на инфлацијата и зголемување на цените по маркетите – вели Хајредини. Тој објаснува дека граѓаните секој ден ги чувствуваат зголемените цени. Вели дека цените лесно растат, тешко се намалуваат. Според него допрва после војните ќе имаме проблем со стратешките производи како нафта, пченица и вештачки ѓубрива кои се основа за земјоделството.
Според податоци за синдикалната минимална кошница (СМК), вредноста на кошницата бележи континуиран пораст. Во март 2026 година таа изнесува 67.818 денари, додека споредено со март 2025 година зголемена е за 9.6%. Ова укажува на значителни движења и високо ниво на трошоци за основните животни потреби. Споредено за еден квартал (јануари, февруари и март) трошоците се зголемени за 2.326 денари односно за 3.6%, што укажува на тоа дека поскапувањата се интензивираат и во краток временски период.
Растот е особено изразен кај храната, каде што вредноста континуирано се зголемува. Зголемување има и кај останатите елементи, што дополнително придонесува за вкупниот раст на кошничката.
– Овие податоци укажуваат на континуиран притисок врз работниците и намалување на куповната моќ на граѓаните. Очекуваме дека во податоците за месец април вредноста на СМК ќе продолжи да се зголемува, што веќе јасно се гледа од досегашниот тренд на поскапувања, дополнително влијае и поскапувањето на горивото што е светски тренд кој не ја изостави и нашата држава – велат од Сојузот на синдикати на Македонија.
Зголемени цени на транспорт и храна
Според последните бројки на Државниот завод за статистика најголемото месечно зголемување е регистрирано во групата транспорт, каде што цените пораснале за 3,4%. Овој раст има поширок ефект, бидејќи транспортните трошоци директно влијаат врз цените на храната, услугите и другите основни производи. Значително зголемување има и кај алкохолните пијалаци и тутунот (3,2%), но и кај категориите поврзани со секојдневниот живот како покуќнина, рекреација и храна. Дури и умерените поскапувања од 0,2% до 0,6% во повеќе категории создаваат кумулативен притисок врз буџетот на домаќинствата.
Според синдикалната кошничка за март, околу 26.000 денари се потребни за храна и пијалаци, за сметки околу 6.500 денари, за транспорт околу 5.000 денари. На оваа сума се додаваат облека и обувки, околу 6.000 денари, образование, вкупната сума лесно се приближува до 70.000 денари по семејство. Оваа сума претставува основно ниво на трошоци без луксуз, без поголеми заштеди и без простор за непредвидени ситуации.
Просечната нето-плата во земјата изнесува околу 46.000 денари. Во сценарио каде двајца возрасни членови на семејството земаат просечна плата, вкупниот месечен приход би бил околу 90.000 денари. Тоа значи дека 70.000 денари одат за основни трошоци. Но останува прашањето колку работници ја земаат оваа плата.
Иако месечната инфлација од 0,7% не изгледа алармантно, нејзиниот ефект е „тивок“, но постојан. Секој месец малите зголемувања се акумулираат и создаваат значителен притисок врз животниот стандард. Особено загрижува фактот што растот е концентриран во категории кои се неопходни, како транспорт, храна и домување. Тоа значи дека граѓаните немаат простор да ги намалат овие трошоци без директно да влијаат врз квалитетот на живот.


