Охрид СОС до надлежните: Прогласете го „Парк“ за споменик на културата – заштитете го и езерото и градежното наследство на Охрид!

Итна заштита на објектот на ресторанот Парк крај Охридското езеро и негово прогласување за споменик на културата, бараат од граѓанската организација Охрид СОС.

Во иницијативата која и официјално ја поднесоа до Управата за културно наследство и Заводот и Музејот на Охрид, до Националната канцеларија на УНЕСКО, до Министерството за култура како и до премиерот Зоран Заев, активистите од Охрид СОС бараат прогласување на награденото архитектонско дело на охриѓанецот Павел Балабанов за споменик на културата.

Иницијативата доаѓа по информациите дека на овој објект на самиот брег на езерото е подготвен за уривање, а на негово место приватни инвеститори ќе градат четирикатен хотел со пропратни содржини. Охридскиот градоначалник Константин Георгиевски неодамна се изјасни дека уривањето на објектот Парк е завршена работа и дека се е според закон, иако градежната дозвола на инвеститорот, градежната фирма Ремис е со истечен рок, елаборатот за животна средина е стар 11 години, а водостопанската дозвола е издадена пред 5 години и нејзината важност престанува со истекот на важењето на градежната дозвола.

„Планот за уривање и изградба на нов комерцијален објект со неколкукратно поголем габарит од постојниот, доаѓа во време кога Охридскиот Регион е на праг да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност, токму како резултат на несоодветната и агресивна урбанизација на крајбрежјето.

До прогласувањето за споменик на културата, бараме ИТНА привремена заштита на објектот според чл. 39 од Законот за заштита на културното наследство“, се вели во образложението на иницијативата на Охрид СОС.

Тие и препорачуваат на Владата да го откупи објектот од моменталните сопственици и да го пренамени, по неговата конзервација, во Музеј на Охридското Езеро и Студенчишко Блато како споменици на природата и Рамсар центар за посетители. Граѓанската организација пред еден месец ја алармираше јавноста дека се подготвува уривање на ресторанот Парк и дека на негово место, на помалку од 50 метри од езерската линија треба да никне огромен објект. Според важечкиот Закон за води, како и според Планот за управување со Охридскиот регион забранета е изградба, доградба и реконструкција на објекти во појасот од 50 метри од езерото.

Ќе никне ли хотел кај дискотеката „Парк“?

Министерот Нуредини за случајот „Парк“ во Охрид: Ги поддржувам сите активности кои се во согласност со законите!

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот