Ќе никне ли хотел кај дискотеката „Парк“?

Се планира изградба на нов хотел на самиот брег на Охридското Езеро, во непосредна близина на хотелот „Горица“ и на Студенчишко Блато, предупредуваат од невладината организација „Охрид СОС“, чиишто активисти деновиве забележале подготвителни работи на објектот на некогашниот ресторан „Парк“.

Објектот на ресторанот е во првата зона, односно во појасот од 50 метри од Охридското Езеро, каде што, според Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион е забранета надградба или доградба на постојните објекти и изградба на нови. Познатиот охридски архитект Павел Балабанов за овој проект во 1989 година доби специјалното признание на Биеналето на Македонската архитектура и е вброен во охридското архитектонско наследство на 20 век.

Локацијата, на која се наоѓа ресторанот и дискотеката „Парк“, ѝ припаѓа на катастарска парцела за која досега не е усвоен детален урбанистички план (ДУП). Според Службениот гласник, во делот на деталните детално урбанистички планови финансирани од приватни иницијативи, Општината има обврска да изработи ДУП за оваа локација.

– Во податоците за објектот стои „класа А2-1“, што според Правилникот од најновиот Закон за урбанистичко планирање е „мали станбени згради до 10 станбени единици, слободностоечки“. Класа А2 се станбени згради, што некако нема логика според намената на објектот претходно, кој е приземен објект наменет за угостителство, или во меѓувреме се направени одредени измени – за „Слободен печат“ вели Драгана Велковска, активист на „Охрид СОС“.

Таа додава дека не добиле информации од институциите на каков начин и под кои услови им е отстапено на користење државното земјиште каде што се базенот и игралиштата. Претходното искуство е негативно со оглед на тоа колкаво здание се издигнало на местото на некогашниот хотел „Парк“, кој беше многу помал по обем и висина.

Општина Охрид не одговори на прашањата од „Слободен печат“ за тоа што ќе се гради на оваа локација, на самиот брег на езерото и дали ваквата градежна експанзија е во склад со препораките на УНЕСКО и на заложбите на Владата за почитување на забелешките на реактивната мисија на оваа организација. Неофицијално, парцелата има неколку сопственици, и тоа градежни компании што градат и други објекти на охридското крајбрежје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот