Министерот Нуредини за случајот „Парк“ во Охрид: Ги поддржувам сите активности кои се во согласност со законите!

Зачувување на статусот на Светско природно и културно наследство на Охрид е императив за МЖСПП, и за Владата, но мора да биде императив и на локалната самоуправа, изјави министерот за животна средина Насер Нуредини за „Слободен печат“ во врска со случајот на уривањето на објектот на ресторанот Парк на локацијата Горица 1 на самиот брег на Охридското езеро. 

„Во секој момент сум против секаков вид на активности што можат да го загрозат овој статус“, се вели во писмената изјава на министерот Нуредини.

Министерството за животна средина и просторно планирање уште во 2016 година издало водостопанска согласност за изградба на објект – ресторан/хотел на локација 5972/3, катастарска општина Охрид 4, кај месноста Горица покрај Охридско езеро, на местото на сегашниот ресторан дискотека Парк. Водостопанската согласност на инвеститорот му била издадена и покрај тоа што важечкиот Закон за води, донесен уште во 2011 година, се забранува изградба на објекти во крајбрежен појас на езеро и акумулации  во ширина од 50 метра од линијата на највисокиот утврден водостој, освен со дозвола или согласност. Објектот на идниот хотел, кој добил одобрение за градба на оваа парцела од Општина Охрид во 2018 година, е проедвиден да биде лоциран помеѓу 40 и 50 метри од самата линија на брановите на езерскиот брег, односно во забранета зона. Објаснувањето на Министерството е дека водостопанската дозвола била издадена кога не постоеле никакви ограничувања во однос на планирање и изградба на објекти на брегот на Охридското езеро, како и тоа дека на тоа место веќе постоел угостителски објект.

Природното и културното наследство на целиот Охридски регион е под заштита на УНЕСКО од 1979 година. УНЕСКО повеќепати се изјаснувал дека во Охрид и околината се случува несоодветно урбано развивање и експлоатација на брегот, зголемено загадување, нарушување и уништување на животната средина и неконтролиран урбан развој предизвикан од силен притисок од туризмот.

„Нашите одлуки, покрај извештајот на реактивната мисија на УНЕСКО мора да се засноваат и на постоечката законска регулатива и јас ги поддржувам сите активности кои се во согласност со законите“, се вели во изјавата на министерот за животна средина, Насер Нуредини за „Слободен печат“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот