Охрид му одржа лекција на Пелистер и се пласираше во финалето од купот
Охрид е првиот финалист во Куп на Македонија, откако убедливо го совлада Пелистер со 26:19 во полуфиналето одиграно во Струмица.
Препорачано
Битолчани не беа на посакуваното ниво и успеаја да парираат само во воведните минути, по што тимот на Борис Ројевиќ целосно ја презеде контролата. Охрид со серија сигурни напади постепено ја зголемуваше предноста и на паузата веќе имаше комотни 13:7.
Во продолжението, разликата дополнително растеше и во еден момент достигна и двоцифрени 20:10, што практично го реши победникот. Пелистер се обиде да внесе неизвесност со серија од 4:0 и намалување на 22:16 во финишот, но тоа беше сè што успеа да направи.
Охрид брзо ја врати контролата, а серијата на противникот ја прекина Јасихира, кој притоа се здоби и со повреда што е потенцијален проблем за тренерот Ројевиќ пред финалето.
До крајот следеше мирна и рутинска завршница, а охриѓани сега го чекаат својот противник за трофејот, кој ќе биде познат по вечерашниот дуел меѓу Вардар и Алкалоид, што се игра од 20 часот во салата „Парк“.
Ѓукиќ и Јагуриновски со по пет гола беа најефикасните во Охрид, додека Кузмановски за Пелистер постигна девет. Кај победничкиот состав се истакна и голманот Пилиповиќ со осум интервенции.


